Во период кога здравствените власти укажуваат дека сега е битно секој поединец да се грижи за сопствената заштита, при што како клучни мерки за заштита се посочуваат оние за дезинфекција на рацете и физичката дистанца, се наметнува прашањето за квалитетот на дезинфекциските средства што може да се најдат на нашиот пазар

Речиси нема јавен простор, продавница или институција каде што на влезот не се поставени разни средства за дезинфекција на рацете за граѓаните. Повеќето од нив ја прскаат течноста на рацете и не размислуваат за тоа што навистина има во шишето. Во исто време, лекарите сѐ повеќе ги потсетуваат граѓаните да внимаваат како ги користат средствата за дезинфекција во домовите, како и со што ги дезинфицираат рацете надвор од домот.
Во период кога претставниците на здравствените власти укажуваат дека сега е битно секој поединец да се грижи за сопствената заштита, при што како клучни мерки за заштита се посочуваат оние за дезинфекција на рацете и лична дистанца, се наметнува прашањето за квалитетот на средствата што може да се најдат на нашиот пазар. Се поставува прашањето дали сите тие течности што се ставаат на рацете навистина штитат од коронавирусот, како и дали некој ги контролира сите тие дезинфекциски средства што може да се купат на пазарот.

Епидемиологот Жарко Караџовски пред два дена посочи дека вирусот го уништува често миење на рацете, дезинфекција на рацете.
– Не можеме да се надеваме дека вирусот ќе заобиколи некого од нас, сите сме потенцијална жртва – предупреди Караџовски.
Граѓаните се сомневаат во течностите за дезинфекција што имаат рачно напишани етикети на шишињата. Обично велат дека тоа е разредена вода со сомнителен квалитет. Велат дека ретко кое дезинфекциско средство што стои на влезот на одредена институција има декларација, зашто најмногу станува збор за пакување на рефус.
Сепак, докторите препорачуваат дека за да бидат ефективни, средствата за дезинфекција мора да содржат најмалку 70 проценти алкохол, бидејќи во спротивно не ѝ служат на целта, односно не го уништуваат коронавирусот.

Најдобро, според нив, е граѓаните да ги мијат рацете со сапун и вода.
Доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија вели дека повеќепати досега апелирал граѓаните да купуваат средства за дезинфекција со проверен квалитет, односно брендирани производи од веќе добро познати и признаени производители на нашиот пазар. Во спротивно, може да купат средства со кои само ќе се размачкува вирусот по рацете.
– Најбитно е тие средства за дезинфекција да содржат 70 проценти алкохол, зашто сите студии и истражувања посочуваат дека тоа количество алкохол го уништува вирусот и затоа е најсоодветно за употреба. Секако дека најдобро е рацете да се мијат со сапун и вода и така луѓето да ја намалуваат можноста за пренос на вирусот, но немаме можност секогаш да ги измиеме рацете во надворешни услови. Затоа е најпрактично да ги дезинфицираме со такво средство – посочува д-р Чибишев.
Според него, не постои опасност од труење при користењето вакви средства, зашто на рацете не се става големо количество од течноста, и тоа не многу често во текот на денот.

Граѓаните, пак, имаат различни искуства. Велат дека некои од средствата се многу силни, па ги прават нивните раце суви. Кај некои од прекумерна употреба на средства за дезинфекција се појавиле пукнатини на кожата на рацете.
Дерматовенерологот Ленче Нелоска вели дека сѐ повеќе се случува да имаат пациенти што се жалат на иритирана, сува или испукана кожа на рацете, која е производ на прекумерна употреба на дезинфекциски средства.
– Кожата сама по себе си создава заштитен филм преку лојните жлезди. Но бидејќи во текот на денот се мијат рацете, се дезинфицираат повеќепати, тој филм се чисти и се трга од рацете. Затоа кожата на рацете сега е поосетлива на надворешни влијанија. Иако во овој период е нормално да сме насочени кон дезинфекција на рацете, не треба да ја заборавиме и негата на кожата на рацете -посочува докторката Нелоска.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека тоа какви средства се поставени пред влезовите на услужните продажни места и пред институциите и каков е нивниот квалитет не е во нивна надлежност. Посочуваат дека за тоа е одговорен тој што дава увоз на тие производи во нашата држава.

Инаку, уште пред еден месец македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ предупреди дека на пазарот се појавиле производи што претставуваат фалсификати на средствата за дезинфекција произведени од нив и апелираа до купувачите да внимаваат при купувањето, бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и врз здравјето на купувачите. Оттаму ги предупредија купувачите при пазарењето внимателно да ги гледаат етикетите, како и името на производителите.


Анализи во Хрватска покажале поразителни резултати

Во Македонија нема случаи во кои надлежни институции утврдиле неисправност на средствата за дезинфекција, а нема ниту податоци дали некој врши контроли на овие средства. Водени од слични мотиви, хрватски новинари направиле сопствено истражување на составот на средствата за дезинфекција.

Од неколку различни места каде што има поставено средства за дезинфекција зеле примероци и ги испитале во хрватскиот институт за јавно здравје. Анализите што го добиле покажале поразителни резултати. Само еден од анализираните примероци покажал дека има доволно својства за заштита од ковид-19.
Репортерите од хрватскиот РТЛ ги анализирале примероците од најфреквентните места во Загреб, како што се трговски центри, ресторани и кафулиња.

[email protected]