Компаниите што произведуваат вински алкохол ѝ понудиле на државата да го откупува и да го користи за медицински цели, како средство за дезинфекција. За ова извести директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски. Тој посочи дека ваквиот предлог ќе биде доставен до Министерството за здравство.

– Царинската управа по барање на компаниите кои произведуваат вински алкохол со јачина од 70 до 80 проценти ќе предложи на Министерството за здравство, доколку квалитетот и составот на алкохолот го дозволува тоа истиот да се произведува и дистрибуира во медицински цели или за производство на средства за дезинфекција. Царинската управа во рамките на своите надлежности ќе ја регулира, контролира и олесни постапката на производството и дистрибуција на алкохолот до крајните корисници – рече Танаскоски.

Тој додаде дека Царинска управа регистрирала поголем извоз на производи од кондиторската индустрија односно слатки.

– Со воведување на рестриктивните мерки, Царинската управа заедно со сите други надлежни институции, направи анализа на увозот на сите неопходни продукти кои се со забрана за извоз, но и на другиот дел, продукти за кои има дозвола за извоз. И двете одат регуларно, без попречувања. Секое зголемено ниво на увоз е добредојдено, но имаме и зголемен извоз во делот на кондиторска индустрија што е многу добро за нашата индустрија – додаде Танаскоски.