Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека зголемениот процент на смртност од ковид-19 се должи на коморбидитетите и доцното доаѓање на пациентите во болница.

– Огромен процент од пациентите се со коморбидитети, тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани долго време. Има и сериозен број на пациенти што многу доцна доаѓаат во болница со многу тешка манифестација на болеста и тоа е тренд што нè следи од почетокот. Над 85 проценти од починатите се пациенти што имаат коморбидитети – вели Филипче.

Тој вели дека во дневните извештаи за ковид-19 се објавуваат само случаите од изминатите 24 часа, а единствено можно е само еден или двајца да се префрлат од претходниот ден поради доцнење и технички проблеми.

– Ние останавме доследни на тоа што го почнавме од почетокот, а тоа е објавување на сите пациенти, кои и покрај тоа што имале сериозна хронична болест и можеби таа била директна причина за смртта, сепак биле дополнително заболени и од ковид-19 – вели Филипче.