Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните треба да здивнат летово од стресот од САРС-вирусите

Според проф. д-р Драган Даниловски, неопходно е што помасовно вакцинирање на што поголем дел од населението – приоритетно непрележаните, за да ја пречекаме есента со што повисоко ниво на колективен имунитет

Во моментов немаме епидемија на ковид-19 во Македонија. Бројот на новозаразени пациенти за кои известува секојдневно Министерството за здравство е мал, што покажува дека епидемиолошката состојба е стабилна. Ризикот да се „фати“ новиот делта-сој, според епидемиолозите, е минимален, смета проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет.
– Рестрикции воопшто не се потребни. Граѓаните заслужуваат да се издишат летово. Во затворен простор, сепак, препорачливо е да се носи маска, зашто минимален ризик не значи и отсуство на ризик – спорадични заразувања и понатаму се случуваат – вели професорот.

Како што е познато, индискиот мутант, односно делта-варијантата веќе ја имаме. Изолирана е кај двајца пациенти досега.
– Мислам дека е мала веројатноста тој да предизвика поголем епидемиски бран. Прво, затоа што протокот на луѓе преку граници е врзан за поседување доказ за имунизираност или негативен ПЦР-тест. Но постои можност сепак тој да се донесе. Но овде ќе биде пречекан од веќе присутен висок колективен имунитет, кој сѐ повеќе се подига со вакцините. Тоа претставува бариера за делта-варијантата – колку и да е редуцирана заштитата на имунитетот стекнат со прележување или со вакцинирање. Но реално е да се очекува да стане постепено доминантен и кај нас, онака како што тоа е случај во Велика Британија, потоа, тој веќе е присутен во САД со 10 проценти, а во пораст е и во други европски земји. Тоа е неизбежно, затоа што има за 40-60 проценти поголема заразност од британскиот сој, варијантата алфа – смета професорот.

Сепак, според него, тоа потиснување на конкурентот тој ќе го постигне постепено.
– Во таа смисла, најголема улога ќе имаат граѓаните без никаква заштита. Затоа, неопходно е што помасовно вакцинирање на што поголем дел од населението – приоритетно непрележаните, за да ја пречекаме есента со што повисоко ниво на колективен имунитет. Секако, тука проблем ќе претставуваат оние што не сакаат да се вакцинираат. Тоа дефинитивно може да биде нашата Ахилова петица – додава проф. Даниловски.


Лекот „регенерон“ ја намалува смртноста за една петтина

Светските медиуми неодамна известија за новиот лек што е откриен, а кој ја намалува смртноста од ковид-19 за петтина кај најболните пациенти и кој може да ја смени официјалната практика, со тоа што секој пациент со коронавирус ќе има тест за антитела пред да биде примен во болница.

Студијата направена на Универзитетот во Оксфорд откри дека „регенерон“ може да им помогне на пациентите со ковид-19 да закрепнат во болница и ова е првиот лек што се справува со самиот вирус, а не со воспалението што се развива во подоцнежните фази на болеста.
– „Регенерон“ има направено добра работа со овој препарат – комбинација на двојни моноклонални антитела. Со примена на овој лек, шанса да не завршат трагично ќе имаат и пациентите што не развиле воопшто антитела, а развиле тешки симптоми и биле хоспитализирани. Дефинитивно овој лек треба да биде дел од терапискиот протокол за тешко болни и кај нас – смета проф. Даниловски.