д-р Жарко Караџовски

Д-Р ЖАРКО КАРАЏОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

Во светот има неколку модели на тестирање на населението, но во овој момент нам не ни е приоритет да докажеме колкумина лица биле заразени од ковид-19, а немале никакви симптоми. Ова го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, како одговор на прашањето на „Нова Македонија“, дали државата планира масовно да го тестира населението, за да се види колкав е процентот на асимптоматски случаи, односно на лица што биле заразени и го ширеле вирусот, а немале никакви симптоми.

Караџовски појасни дека Јужна Кореја досега има направено 100 илјади теста, но ние како држава немаме капацитет за такво нешто.
– Кај нас се направени повеќе од 5.000 теста. Со оваа бројка, ние сме во врвот од поранешните југословенски републики по бројот на направени тестови. Во овој случај, не се работи за тоа да докажеме колкумина биле во контакт односно биле заразени без симптоми. Тоа може да се прави во иднина откако сево ова ќе заврши, некое истражување што ќе ни покаже дали дел од населението имало контакт со вирусот. Тоа ќе ни покаже дали населението има антитела за минати заболувањa, па тогаш ќе можеме да зборуваме за тоа – рече Караџовски.

Според процентите на светско ниво, 80 отсто од населението немаат симптоматологија, до 14 отсто имаат клиничка слика, која има респираторни проблеми, пет отсто од пациентите имаат потешка клиничка слика, а до 2,5 отсто во светски рамки, пациентите завршуваат на респиратор. Тој тип за серолошка дијагностика, според епидемиологот, не ни е во моментов потребен.

Многумина лица го имаат и го шират вирусот, иако се чувствуваат здраво. Во Исланд, дури половина од тестираните луѓе за ковид-19, биле асимптоматски случаи. Вирусот има долг период на инкубација, па симптомите може да не се појават во период од пет до 14 дена, и затоа луѓето можат да ја шират болеста без да знаат дека се заразени.
„Нова Македонија“ праша и дали ќе се промени некое од прашањата во епидемиолошката анкета, со оглед на фактот дека вирусот веќе се шири локално, а не се носи од земја од странство бидејќи границите се затворени.

Епидемиологот д-р Владимир Микиќ рече дека има две патеки по кои алгоритамот одлучува – преку скорешни патувања во странство, но дека таа патека нема да е пресудна.
– Затоа има уште една патека, која се базира на симптомите и можните контакти со заболено лице. Таква е анкетата што е актуелна – рече Микиќ.