На заедничка иницијатива на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, се одржа министерска видео-конференција, на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земји членки на ЕУ од ЈИЕ (Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Хрватска), како и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, генералната секретарка на Европската служба за надворешни работи на ЕУ Хелга Шмид и директорот во Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската комисија, Јоханес Лухнер.

Целта на Конференцијата беше отпочнување на дискусија помеѓу Министерствата за надворешни работи како тие можат успешно да придонесат, преку заемна соработка, во следните фази од справување со социо-економските последици кои ги предизвика пандемијата на ковид-19. Во фокусот беше тековната и идна соработка поврзана со можните начини за регулирање на прекуграничното патување, транспортот и туризмот, како и заемната поддршка на економиите на земјите во светло на пакетот насоки и препораки на Европската комисија објавен на 13 мај за тоа како да им помогне на земјите членки постепено да ги подигнат ограничувањата за патување и да се овозможи повторно отворање на туристичкиот сектор, имајќи го предвид здравјето на граѓаните како приоритет.

– Особено задоволство претставува што за кратко време со грчките пријатели, нешто што беше незамисливо до пред неколку години, успеавме да бидеме виртуелни ко-домаќини на колегите од Регионот, од ЕУ земји членки во негова непосредна близина и на високи ЕУ претставници, како би иницирале дискусија за заедничката соработка во следната фаза по појавата на пандемијата. Чувството на заедништво што се создаде по иницијалниот шок од кризата, верувам дека со заеднички и координирани чекори ќе го развиваме и понатаму, а во насока на што поскоро и побезбедно враќање кон редовни социо-економски текови на нашите општества и закрепнување од последиците од ковид-19. Благодарност и до нашите ЕУ партнери за чувството дека нè земаат предвид при носење на мерки и насоки од различен карактер при менаџирање со кризата, справување со последиците и постепеното излегување од рестриктивните мерки. Сето тоа дава увереност дека таквиот пристап ќе продолжи и во иднина, во насока на целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. Заедничката изјава што денес ја усвоивме е уште еден показател во тој поглед – рече Димитров.

Заеднички беше констатирано дека како и во многу други предизвикувачки кризи што ги надминуваат националните граници, пандемијата ковид-19 докажа дека солидарноста, соработката и координацијата на билатерално, регионално и меѓународно ниво, се клучни за отстранување на заканите и последиците. Министрите се согласија дека ова е особено применливо на регионално ниво, како и помеѓу ЕУ и ЗБ земјите, поради меѓуповрзаноста и бидејќи чекорите и одлуките што се преземаат од една земја имаат непосредно влијание врз живот на граѓаните во другите земји од непосредното соседство.

Министрите заклучија дека главен приоритет на кои треба да се работи е рестартирање на економијата и адресирање на социјалните импликации од економскиот пад, предизвикан од пандемијата. Во овој контекст, потребна е интензивирана и продлабочена соработка за утврдување на заемни решенија со цел зајакнување на трговијата, безбедно продолжување на прекуграничното патување и транспортот, преку размена на информации на најдобри практики и развивање и почитување на усогласени здравствени протоколи, со цел целосно економско закрепнување.