Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска прими донација од Кина наменета за превенција од ковид-19 и која се состои од 2.000 трислојни заштитни маски.

– Како што е познато, Народна Република Кина веќе испорача поголема количина на заштитна опрема и други медицински материјали против Ковид 19, а за истатата намена од фондот на Амбасадата на Народна Република Кина беше издвоена и директна финансиска помош за Министерството за здравство на Република Северна Македонија – соопштија од МНР.

Жерновски на средбата со кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо, кој ја предаде донацијата,  размениле мислења за актуелните состојби во двете земји и во поширок контекст во однос на пандемијата и високо ја оценија досегашната меѓусебна соработка на овој план. Договорено е продолжување на контактите и на активностите на билатерелна основа, а потенцирана е и неопходноста од засилување на меѓународната соработка и солидарноста во насока на целосно сузбивање на оваа закана со која се соочува светот.