Народната банка на Македонија заради заштита на јавното здравје, во услови кога е прогласена пандемија од коронавирусот, апелира да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички, а за сите информации, наместо на шалтерите, да се оди на интернет. Но за разлика од ЕУ, каде што користењето на интернет-услугите од јавните институции е значително и достигнува 44 отсто, во Македонија само 19 отсто од граѓаните добиле услуга или информација преку интернет

За сите услуги и платежни активности Народната банка на Македонија апелира да се користи електронското банкарство, почнувајќи од плаќање на режиските трошоци па до секојдневното пазарење во маркетите. Главната препорака е да се избегнат користењето готовина и создавањето редови за вадење пари во експозитурите на банките или, пак, пред банкоматите. Овие препораки се во насока на намалување на комуникациите и контактите меѓу луѓето, поточно во насока на намалување на ризиците за ширење на заразата со вирусот ковид-19.

– Заради заштита на јавното здравје, апелираме да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички, да се избегнува посета на експозитурите/филијалите на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство. За прашања, консултации и дописи до Народната банка, да не се доаѓа лично во просториите на Народната банка, туку тоа да се оствари преку е-адресата [email protected]. Контактиравме и со деловните банки, при што им ги соопштивме овие препораки и дадовме насоки за управување со оперативните ризици, заради намалување на можните негативни последици – истакнуваат од ова регулаторно тело.

Претходно и редица комерцијални банки, јавни и државни претпријатија и институции, се огласија со апели до граѓаните, паричните трансакции и размена на информации да ги вршат по електронски пат, наместо да одат на шалтерите.
За разлика од Македонија, каде што апелот за одбегнување на плаќањето со кеш и на директна размена на информации е поврзан со заканата од ширењето на коронавирусот, во Европската Унија (ЕУ) таквиот начин на работење уште одамна е прифатен, пред сѐ од практични причини, така што податоците на „Евростат“ укажуваат дека во текот на минатата година во ЕУ дури 44 отсто од граѓаните плаќале или добиле информации и јавни услуги по електронски пат. За разлика од пред десет години, тие бележат значителен раст, бидејќи во 2008 година овој процент изнесувал 33 отсто. На овој начин јавните услуги и информациите се испорачуваат поефикасно до граѓаните, преку употреба на соодветни решенија на интернет.
За разлика од ЕУ, во Македонија минатата година само 19 отсто од граѓаните посочиле дека успеале да добијат информации или, пак, јавна услуга преку интернет.
Притоа е посочено дека граѓаните од сите возрасти користат веб-страници на јавните власти за да добијат информации.


– Уделот на граѓани што се изјасниле дека на овој начин добиле услуга во последните 12 месеци е најголем кај луѓето на возраст од 25 до 34 години, каде што тој достигнал 56 проценти. Од друга страна, помалку од една четвртина, или 23 отсто од граѓаните на возраст од 65 до 74 години користеле интернет за оваа намена во последните 12 месеци – е наведено во соопштението на „Евростат“.
Притоа, како што наведува „Евростат“, достапноста на информации преку интернет за граѓаните и нивниот удел во користењето значително се разликува во земјите-членки на ЕУ.

– Во 2019 година голем дел од граѓаните во нордиските земји ги користеле веб-страниците на јавните власти за да добијат информации. Притоа 89 отсто од граѓаните во Данска, 84 проценти од граѓаните во Финска и 79 отсто од граѓаните во Шведска изјавиле дека го сториле тоа во последните 12 месеци. Високи стапки на користење јавни услуги преку интернет пријавиле и граѓаните во Холандија (76 отсто) и во Естонија (69 отсто). Спротивно на нив, само 9 отсто од граѓаните во Романија добиле информации од јавните власти преку нивните веб-страници. Слична е ситуацијата и во Италија и во Бугарија, каде што само 19, односно 20, проценти од граѓаните добиле вакви услуги – стои во соопштението.

Коронавирусот е вистински предизвик за целото човештво. Новата ситуација наметнува потреба од подобра комуникација преку интернет што, секако, денес е овозможено преку многубројните алатки што ги нудат провајдерите.