Фото: Игор Бансколиев

Eвидентни се големиот број кривични дела од оваа област, кои ги чувствуваат и граѓаните преку загадувањето на сите екосистеми – водата, почвата, воздухот, неадекватното депонирање медицински, опасен и друг отпад, пустошењето на шумите итн. Македонија со години се соочува со еколошки криминал, а впечатокот што се добива во јавноста е дека државата воопшто или сосема малку вложува напори да се справи со оваа закана

Во време кога целиот свет е под закана од пандемијата на коронавирусот, не стивнува еколошкиот криминал во земјава, а дополнително загрижува малиот број правосилни пресуди за физички и за правни лица од областа на еколошките кривични дела што, од друга страна, упатува на можна корупција во институциите што треба да ја спречуваат оваа појава.
Eвидентни се големиот број кривични дела од оваа област, кои ги чувствуваат и граѓаните преку загадување на сите екосистеми – водата, почвата, воздухот, неадекватното депонирање медицински, опасен и друг отпад, пустошењето на шумите, мачењето животни, експлоатацијата на минерали итн.

Македонија со години се соочува со еколошки криминал, а впечатокот што се добива во јавноста е дека државата воопшто или сосема малку вложува напори да се справи со оваа закана.
Во прилог на тоа говорат и фактите, така на пример за 2017 година за еколошки криминал се осудени 62 лица, изречени се 27 казни, од кои четири казни затвор, 22 парични казни, едно протерување на странец, за сторени кривични дела: незаконска експлоатација на минерални суровини, пустошење шума, незаконски лов, незаконски риболов, мачење животни и друго. За овие дела во 2017 г. имало вкупно 128 познати сторители, од вкупно 151, а имало 46 отфрлени пријави, 11 запрени истраги и 71 поднесен обвинителен предлог. Овие податоци укажуваат на недоволно ефикасна истрага за сторителите на еколошките кривични дела, како и за благата казнена политика.

– Актуелната состојба со еколошкиот криминал во Македонија е загрижувачка, бидејќи имаме појавни облици на овој криминал во земјата, но општествената реакција, особено од надлежните органи и институции изостанува. Имено, мерките за сузбивање на овој вид криминал се на маргините на општественото постапување – вели Марина Малиш Саздовска, професорка на Факултетот за безбедност, кој е организатор на денешната онлајн стручна расправа на темата ,,Сузбивање на еколошкиот криминал во Република Северна Македонија“.
Таа додава дека зад овој криминал има многу сторени, но неоткриени еколошки кривични дела.

– Една од заложбите треба да биде и издигање на јавната свест за еколошкиот криминал и едуцирање на граѓаните за негово препознавање, и следствено на тоа и зголемено пријавување на органите на прогонот. Исто така, треба да се работи и на издигање на свеста и на судските органи, односно на јавните обвинители и судиите за прeпознавање на сериозните последици од еколошкиот криминал и адекватно казнување. Ова е од особено значење бидејќи, според моето мислење, казнената политика е мошне блага – нагласува Саздовска.
Според неа, втор проблем кај еколошкиот криминал е виктимолошкиот аспект, односно често се случува граѓаните да имаат информација за сторено кривично дело, но бидејќи не се чувствуваат како жртви, немаат директно негативно влијание врз своето здравје, тоа не го пријавуваат.

– Ова секако не важи за загадувањето на воздухот во зимски услови бидејќи тогаш сите се чувствуваат како жртви и има адекватна реакција од страна на граѓаните до надлежните органи – посочува Саздовска.
Таа смета дека најдобар начин за борба против еколошкиот криминал е формирање посебен оддел во Министерството за внатрешни работи, бидејќи во моментот таков не постои.
– Иако има посебна глава во Кривичниот законик за еколошки криминал и криминалистичката полиција треба да го сузбива тој криминал, сепак нема посебна организациска единица наменета за таа област, а оние што се задолжени не се во доволен број. Исто така, потребно е екипирање и на другите надлежни органи со човечки и технички ресурси, како што е на пример шумската полиција, и надлежните инспекторати при министерствата за животна средина, шумарство, водостопанство и слично – смета Саздовска.

Според неа, постојат и организирани форми на еколошки криминал во земјата, особено истакнувајќи го пустошењето на шумите.
– Ова е поврзано и со корупција на одредени вработени во надлежните органи за сузбивање на еколошкиот криминал, и заради тоа е потребно да се примени систематска, сеопфатна и континуирана акција на терен, со интерресорска соработка на сите надлежни органи за ефикасно сузбивање на овој вид криминал. Притоа треба да се применат сите мерки и активности во рамките на криминалистичката истрага, вклучувајќи ги и посебните истражни мерки и дејства – заклучува професорката Марина Малиш Саздовска.

На иста линија е и Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина, според кого, е потребно формирање национално тело за борба со еколошкиот криминал.
– Треба да се формира национално тело за борба со овој вид криминал, кое ќе ги координира сите надлежни при справувањето со одреден проблем во оваа сфера. Најважно е сите институции да работат здружено – вели Блинков.
Според него, добрата организација, доброто и ефикасно законодавство, како и осигурувањето на примена на законот се клучни во борбата со еколошкиот криминал.