Фото: Нова Македонија

Над половина од испитаниците сметаат дека верските заедници треба уште поактивно да се вклучат во борбата со ковид-19, со хуманитарни акции, со јавни настапи и совети, како и со повици да се вакцинира населението

Исламската верска заедница може да има пресудна улога во популаризација на процесот на вакцинација против ковид-19 кај муслиманите. Тоа го потврдило и истражувањето на тема „Верските заедници и ковид кризата – односот на религијата кон ковид пандемијата“ спроведено кон крајот на ноември годинава од „Институтот за политички истражувања Скопје“ – ИПИС и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“. Во истражувањето биле вклучени 1.125 испитаници.

На прашањето од анкетата дали на верниците им е важно мислењето на нивната верска заедница за да одлучат да се вакцинираат, околу 13 отсто од православните верници одговориле потврдно, додека кај муслиманите процентот е многу повисок и изнесува 55 отсто.

Фото: Принтскрин истражување

Одговорите добиени од овие прашања водат кон заклучок дека односот на верските заедници кон процесот на вакцинација има влијание кај дел од верниците и кон одлуката дали да се вакцинираат или не. Ова е особено значајно за муслиманските верници, бидејќи укажува на тоа дека Исламската верска заедница може да има пресудна улога во популаризација на процесот на вакцинација кај муслиманите.

На прашањето „Дали сте вакцинирани?“, високи 59 отсто од испитаниците одговориле потврдно. Процентот на вакцинирани кај православните е 68 отсто, додека кај муслиманите истиот е релативно понизок, односно изнесува 36 отсто.

Од оние околу 40 отсто од испитаниците кои изјавиле дека не се вакцинирани, како причини ги навеле дека не веруваат во вакцината или 18 отсто, потоа 20 отсто не се вакцинирале поради здравствени причини, 17 отсто поради тоа што имаат прележано ковид-19, 10 отсто немаат доверба во здравствениот систем, 9 отсто сметаат дека вакцините се штетни и опасни и 14 отсто навеле некоја друга причина.

Интересна е и анализата на резултатите од прашањето „Дали некој од вашата верска заедница имал влијание врз вашата одлука дали да се вакцинирате или не?“. Тука 12 отсто од испитаниците одговориле потврдно, а 75 отсто изјавиле дека никој од верската заедница немал влијание врз нивната одлука.

Во однос на припадниците на различни религии, овој процент кај православните е 7 отсто додека кај муслиманите е повисок и изнесува 26 отсто.

Кај шест од десет верници пандемијата од ковид-19 имала влијание за да ги редуцираат своите посети на верските објекти изминативе две години.

Речиси истиот процент на граѓани веруваат дека може да се заразат со вирусот ако се дел од масовна прослава на верски празник. Токму затоа осум од десет верници при посетата на храмовите за време на верски празници користат маски.

Над половина од испитаниците сметаат дека верските заедници треба уште поактивно да се вклучат во борбата со ковид-19, а мнозинството од нив ги поддржува сите три понудени опции за тоа како би се вклучиле верските заедници, односно со хуманитарни акции, со јавни настапи и совети, како и со повици да се вакцинира населението.

Фото: Принтскрин инстражување

Повеќето граѓани сметаат дека верските заедници се однесуваат одговорно во однос на пандемијата, дека ги почитуваат мерките и препораките на здравствените власти за заштита од вирусот, како и дека немале влијание кон зголемување или намалување на заразата.