Во рамките на поширокиот проект за обиколка на здравствените институции, како и објектите и установи на Здравствен дом Скопје, преку своевидно новинарско истражување „Нова Македонија“ реализира разговори, анкети, интервјуа со граѓани кои секојдневно ги посетуваат здравствените установи, и со директен непосреден увид во установите, просториите и вработените, за во интерес на јавноста и граѓаните да мобилизира, анимира, алармира но и повика на помош и подготвеност на надлежните да интервенираат онаму каде што е најпотребно во овие моменти. Вчера ја посетивме поликлиниката Чаир…

Во период на вонредна состојба предизвикана од коронавирусот, здравствените институции се првите објекти во кои хигиената мора да биде на највисоко ниво, со оглед на големата фрекфенција на пациенти. Несомнено е дека максимално треба да се обрне внимание да се мобилизираат сите ресурси и да се заштити медицинскиот персонал во установите.

Во рамките на поширокиот проект за обиколка на здравствените институции, како и објектите и установи на Здравствен дом Скопје, „Нова Македонија“ преку еден вид новинарско истражување реализира разговори, анкети, интервјуа со граѓани кои секојдневно ги посетуваат здравствените установи, но и со директен непосреден увид во установите, просториите и вработените. Во тие рамки, добивме информација дека во поликлиниката во Чаир состојбата е загрижувачка, дека нема средства за дезинфекција, дека не се чисти редовно, како и дека нема тоалетна хартија ниту брисачи за раце и дезинфициенси. Исто така, и дека персоналот е незаштитен, односно дека немаат маски, ракавици, мантили, како и друг материјал за заштита.

Откако разговаравме со директорот на Здравствен Дом Скопје, Виктор Исјановски, кај кого сакавме да ги провериме овие наводи, појдовме на поликлиниката за да ја видиме реалната слика.

На влезната врата, има насока која ви кажува каде треба да се упатите ако сте закажале тестирање за коронавирус. Во ходникот на поликлиниката, го нема вообичаениот метеж од пациенти. На шалтерите има вработени кои се на своите работни места со маски на лицата. Попатно, влеговме во еден од тоалетите на поликлиниката. Таму немаше течен сапун, дезинфициенс, тоалетна хартија, а немаше ниту брисачи за раце.

Наспроти ова, Сељадин Мемети, управникот на поликлиниката, тврди дека ги имаат сите потребни средства и за дезинфекција и за заштита. Зошто тогаш ги нема во тоалетите, тој вели дека ги снемува кога ќе ги стават, дека пациентите или вработените ги земаат.

– Дадовме 100 маски, по една недела ми велат немаме, ни требаат дајте ни пак. Јас знам колку маски реално се потребни, особено сега кога фрекфенцијата на пациенти периодов е намалена. И знам дека нема потреба од трошење на премногу маски за еднократна употреба. Штом ставиме течен сапун во тоалет, го снемува. Ако ви се верува, чешми се крадат. Сијалиците во тоалетите за пациентите се крадат. Добиваме доволно средства за заштита и за хигиена како институција, но менталитетот е проблем – вели Мемети.

М-р фарм. спец. Славица Јуруковска, раководител на депото за лекови во Здравствен дом Скопје, тврди дека сите 60 објекти и 1.180 вработени, се покриени со сѐ што им треба – ракавици, каљачи (за чевлите), скафандери, мантили за една употреба (посебни за сестри, посебни за лекари).

– Во изминативе 20 дена, набавивме значително многу повеќе материјали од вообичаено. Дизентал за работни простории, средства за дезинфекција, сапуни. Пуштаме ракавици и маски и друга опрема толку колку што ни бара секоја поликлиника поединечно, а ние периодив им праќаме и повеќе одошто им е потребно. Ние мора да се пролагодиме на условите кои ни се наметнати. Скафандери за брза помош, наочари за брза помош, докторите имаат сѐ. Обезбедени сме со цел санитетски материјал. Обезбедени се дури и двата затвори, кои се под „наша капа“. Во време на глобална криза за маски, ние ниеден ден не останавме без маски – вели Јуруковска.

Разговаравме и со директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски. Тој вели дека кога било кој од управниците на здравствените објекти, реагираат дека имаат недостиг од дезинфициенси и заштитна опрема за медицинскиот персонал, тогаш веднаш добиваат.  

– Нашите објекти се целосно покриени. Во вакви услови, во однос на заштита со скафандери, маски, ракавици, пред сѐ даваме на вработените во Брза помош, бидејќи  имаат најмногу контакти со суспектни пациенти на ковид-19. За останатиот персонал, ние го даваме нашиот максимум и го опремуваме со заштитна опрема. Иако секоја донација е добредојдена, нам реално помош не ни треба, бидејќи имаме сѐ што ни е потребно за редовно одржување на хигиената и за заштита на вработените, но сепак се соочуваме со проблеми. Се случува маските и ракавиците некои од вработените да си ги ставаат в џеб и да си ги носат дома. Вчера имавме донација од 5.000 маски за еднократна употреба од „Македонија лек“. Досега толку болници и одделенија се затворија низ државата, кај нас нема ниту еден заболен од 1.180 вработени во 60 објекти кои се под Здравствен дом. Тоа е најголем доказ за нашата грижа – смета директорот.

Она што беше забележливо е дека иако состојбата на внатрешната инфраструктура е навистина анахрона за едно модерно здравство и здравствени услуги, виден беше впечатокот на раздвиженост и активности во контекст на состојбата со коронавирусот. Имено, вчера на вработените им делеа маски, ракавици и брисачи за раце, и тоа случајно или не, токму откако претходно екипата на „Нова Македонија“ разговараше со директорот на Здравствен дом. Но, главно е дека една меѓуцел е постигната. Подигната е свеста барем за едно скалило од неопходноста за снабдување на поликлиниката на сите средства за успешна борба против коронавирусот. Анимирањето на надлежните на оваа тема вроди со плод. Но дали ќе допре до компаниите или поединците кои во рамките на едно општествено одговорно работење и живеење со свои донации ќе придонесат во јавното здравство, односно до најголемиот број граѓани на државава, останува да видиме.