Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одговорноста и грижата за јавното здравје, како што истакнуваат сите политички чинители, секако, се приоритет пред политичките интереси, но сепак останува зрното на сомнежот за надминатиот партиски антагонизам, кој во општествената состојба подредена на превентивата од коронавирусот (масовна самоизолација на населението) провејува низ реторички искрички на политичарите

Воведувањето вонредна состојба во Македонија, од страна на претседателот Стево Пендаровски, како неопходна мерка за превенција и поорганизирано справување со предизвиците на пандемијата со коронавирусот, и покрај дилемите што ги создаде во текот на усогласувањето меѓу партиските лидери, сепак во јавноста остави впечаток на смирување на политичките страсти. На релативно брзото постигнување согласност за одложување на закажаните предвремени парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, а подоцна и со надминување на разликите околу начинот, формата и опсегот на спроведувањето вонредна состојба, може да се гледа и како на смирување на партиските антагонизми. Но изгледа само за кратко. Зашто од друга страна, пак, лидерите на партиите не пропуштаат да ги истакнат заложбите на своите партии во справувањето со ситуацијата со коронавирусот, а притоа да не упатат и забелешка на политичките опоненти. Одговорноста и грижата за јавното здравје, како што истакнуваат сите политички чинители, секако, се приоритет пред политичките интереси, но сепак останува зрното на сомнежот за надминатиот партиски антагонизам, кој во општествената состојба подредена на превентивата од коронавирусот (масовна самоизолација на населението) провејува низ реторички искрички на политичарите.
– Ако се земе предвид дека до пред една недела или десетина дена, политичките партии беа забревтани за предизборна кампања, дека Собранието беше распуштено, веќе два месеца функционира техничка влада…, а предизборната реториката во неофицијалната кампања беше ставена на „високи вртежи“, мора да се констатира дека меѓупартиската јавна комуникација сега е со „ниски вртежи“. Опозицијата ги надмина своите сомнежи околу мотивацијата на власта за прогласување вонредна состојба и брзо се согласи за нејзино воведување.

Сега, партискиот антагонизам во мали дози, можеби, е видлив само во истакнувањето кој колку повеќе придонесува во справувањето со борбата против коронавирусот, а тука власта секако е во предност, со оглед на тоа што ги има инструментите за спроведување на мерките. Не верувам дека се надминати политичките разлики, а за две седмици до еден месец (оптимист сум дека со потоплото време ќе се стави во ред ситуацијата со вирусот), многу појасно ќе можеме да согледаме во која насока ќе се развива политичкиот живот во Македонија – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Вонредната состојба во Македонија е воведена за да може Владата пооперативно да функционира, да носи уредби со законска сила, со оглед на состојбата што Собранието беше распуштено во законскиот рок пред предвидените избори и не постоеше уставна можност тоа повторно да се собере. Ова е првпат во Македонија да биде воведена вонредна состојба, што ја нагласува сериозноста на ситуацијата од пандемијата со коронавирусот, а аналитичарите го истакнуваат и фактот дека по оваа одредба од Уставот не се посегнало ни во 2001 година, кога земјата беше зафатена со воен конфликт и во време на нагласен политички антагонизам.

– Повеќе сум на мислење дека антагонизмот меѓу политичките партии е ставен „на пауза“, отколку дека постои можност и политички капацитет тој да исчезне. Дури мислам дека е невозможно да исчезне фундаменталниот антагонизам, кој се однесува на прашањата како и во која насока ќе се водат политичките процеси во државата. Но засега, може да се каже дека секирите се закопани, но релативно брзо, со надминување на причините за вонредната состојба, партиите ќе си го продолжат вообичаениот антагонизам – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Меѓутоа, Арсовски ја наметнува и дилемата за значењето на синтагмата „релативно брзо“, кога станува збор за предизвиците од пандемијата на коронавирусот.
– Во моментов не знаеме што значи поимот „релативно брзо“, во многу аспекти на реалноста, а секако и во политичка смисла. Предвидувањата на СЗО се дека ваквата состојба со коронавирусот ќе трае барем една година. Дотогаш можеме да добиеме и нов светски поредок, па во такви услови ништо не може долгорочно да се предвидува, дури ниту за политичките текови во Македонија – вели Петар Арсовски.