Денешната бројка од осуммина позитивни на ковид-19 во Битола ги преплаши
битолчани. Градот, кој до пред извесно време беше без позитивни на ковид-19 и кој до пред извесно време цели 14 дена немаше ниту еден позитивен случај, сега секој ден бележи од едно до пет инфицирани лица.

Тоа поттикна шпекулации во градот под Пелистер за бројот на позитивни на ковид-19.
Она што посебно ги револтира битолчани е што позитивните на ковид-19 ги кријат контактите, па така не може да се утврдат кластерите кои ја шират заразата. Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека голем број од граѓаните кога ќе се заразат од ковид-19 не сакаат да ги откријат изворите на зараза.

Зголемените бројки на позитивни на ковид-19 претставуваат само уште една потврда
дека битолчани премногу се опуштија и дека не ги почитуваат препораките и мерките за спречување на пандемијата. И покрај честите казни на полицијата, мал број е бројот на граѓаните кои носат маски за заштита. Маските најчесто се носат в џеб, или се држат в раце, и се ставаат само кога ќе се забележи полицијата.

Мерките за заштита не се почитуваат во доволна мера ни во кафулињата кои се преполни како пред да се појави пандемијата. Инспекторите на општината Битола почнаа со контроли на кафулињата и ги предупредија сопственииците да поставуваат
толку маси колку што имаат дозвола со елаборатите и според препораките и протоколите.

Засега сите апели на Кризниот штаб не вродуваат со плод. Битолчани едноставно си тераат по свое.

Во Центарот за јавно здравје Битола велат дека граѓаните стануваат свесни за заразата само тогаш кога ќе се инфицираат и кога ќе се потврди дека се позитивни. Тогаш тие паѓаат во психичка депресија и ги молат веќе преморените здравствени работници да бидат излекувани.

Во тие моменти во Центарот за јавно здравје во Битола велат дека најплашливи се токму „најхрабрите“ кои пред тоа немале никаков страв од короната и тврделе дека таа не постои.

– Тоа најтешко ни паѓа нас, здравствените работници кои цело време укажуваме и буквално молиме да се почитуваат мерките, да се носат маски, да се држи дистанца и да не се прават забави, или журки. Дури откако ќе се зарази некој станува свесен за пандемијата и тогаш буквално моли да го излечиме. Затоа и овој пат апелираме до сите битолчани да бидат свесни дека заразата е тука меѓу нас и дека само со почитување на мерките можеме да се заштитиме од оваа непозната болест. И ние лекарите сме на границите на издржливост и прашање е до кога можеме да издржиме вели директорката на Центарот за јавно здравје Битола, Елизабета Крстевска. М.М.