Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативи за менување на изборниот процес и процедури во вонредна состојба

Претседателот на ДИК смета дека со измените на Изборниот законик, со т.н. уредби со законска сила, не би биле загрозени легитимитетот и легалитетот на изборниот процес. Од друга страна, постоjат мноштво правни мислења дека таква специфична правна материја што регулира изборна материја не може да се спроведува со уредби со законска сила, бидејќи има основа за губење на правната и политичка сигурност во земјава

Интензитетот на политичкиот притисок за терминот на одржување на вонредните парламентарни избори се чини сѐ повеќе се зголемува, и тоа на дневна основа. Со одминувањето на секој ден на четвртата вонредна состојба, која завршува в сабота, на 13 јуни, како и со специфичната состојба со функционирањето на техничката влада и самораспуштениот парламент, сѐ повеќе никнуваат прашања што бараат одговор во врска со законските, легалните аспекти на изборниот процес, во контекст на сѐ уште актуелната пандемија на ковид-19.

Специфични протоколи за здравствена заштита за изборите

Во очекување дали Владата ќе побара ново продолжување на вонредната состојба, или дали ќе биде закажан состанок на Советот на безбедност кај претседателот Пендаровски, некои партии почнаа форми на изборна кампања и јавна презентација на своите изборни концепти и програми. И покрај досегашната партиска неусогласеност за датумот на изборите, извесно е дека кога и да се одржат тие, ќе се изведат според специфични протоколи за здравствена заштита на гласачите, но и на избирачките одбори, а за тоа се потребни и интервенции во Изборниот законик. Можноста и потребата за измена на Изборниот законик, на некој начин, ги најави пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој таквата опција ја предлага за да се овозможи на претстојните парламентарни избори да се гласа неколку дена.
– Еден ден би гласале пензионерите, друг ден тие што се во изолација, а преостанатите во третиот ден е едно од можните решенија, донесени со уредба – изјави за медиумите Артан Груби.

И ДИК се согласува дека се потребни измени на Изборниот законик поради здравствените протоколи

Можноста за продолжување на времетраењето на изборниот процес не ја отфрла ниту претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, кој вели дека спроведувањето на протоколите за здравствена безбедност може временски да го одолжи гласањето. Но истовремено, тој укажува дека по состанокот од пред три седмици на ДИК со здравствените власти, сѐ уште не ги добиле здравствените протоколи што треба да ги имплементираат во своите акти и според кои ќе треба да се придржуваат членовите на изборните одбори. Дерковски вели дека таквите организациско-технички измени на изборниот процес треба со законски измени да се регулираат во Изборниот законик.

– Измените на Изборниот законик би се направиле со уредба со законска сила, а со оглед на досегашната практика и динамика на носење уредби од страна на Владата, не би бил потребен долг временски процес за носење таква уредба. Поради приоритетот за овозможување здравствено безбеден изборен процес и да не се загрози правото на избор на граѓаните, може да се покаже како потреба продолжување на времето за гласање, а тоа треба да се регулира со законски измени – вели Дерковски.

Претседателот на ДИК смета дека со измените на Изборниот законик со уредби со законска сила не би биле загрозени легитимитетот и легалитетот на изборниот процес. Во однос на можноста за злоупотреба на ваквите евентуални измени, Дерковски смета дека тоа секогаш е присутно како опција во изборните процеси, дури и во нормални услови, но затоа работа на комисијата е да внимава на одржување на регуларноста на изборниот процес.

Организациските работи ДИК може да ги регулира и со свои интерни акти

Во однос на измените на Изборниот законик, има и правни мислења дека таква специфична правна материја што регулира изборна материја не може да се спроведува со уредби со законска сила.

– Не е соодветно измени на Изборниот законик да се прават во услови на нефункционално собрание. Не може со мерки карактеристични за вонредна состојба (а и за авторитарни општества), како што се уредбите со законска сила, да се регулираат нормални изборни процеси. На тој начин се загрозува демократијата и се компромитира правото на избор. Ако се тргне во таа насока, на измени на Изборниот законик со уредби со законска сила, општеството се движи во правец на губење на политичката и правната сигурност – вели Ставре Џиков, поранешен државен јавен обвинител и член на ДИК од почетокот на македонската независност.

Џиков смета дека за спроведување на организациско-техничките мерки за здравствено безбеден изборен процес, но и за евентуално продолжување на времетраењето на гласањето, не е потребно да се интервенира во Изборниот законик, туку тоа може да се регулира со интерни протоколи на ДИК, усогласени со протоколите на здравствените власти. Притоа, Џиков нагласува дека во секакви услови на изборите мора да се запази правото на глас на граѓаните, а за тоа приоритет е ажурирање на избирачкиот список.

– ДИК е автономен орган, кој е задолжен и одговорен за организација на изборите, односно да овозможи секој полнолетен граѓанин да го исполни своето право да избира. Тоа значи дека организациските работи може да ги регулира и со свои интерни акти, додека за суштинските права (дали на граѓаните им се дава (или не) правото на глас се регулира со Изборниот законик – вели Ставре Џиков.