Фото: Игор Бансколиев

Актуелното справување со ситуацијата, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, сериозно ја става на тест самата матрица на европската обединетост. Во таквите актуелни услови во ЕУ, се наметнува прашањето каква е вредноста во овој миг на датумот за почеток на преговори за Македонија, кој го чекаме 15 години и за кој како држава приложивме многу отстапки и жртви

ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА И САМОИЗОЛАЦИЈА

Почетокот на реализацијата на историските очекувања на Македонија да добие шанса за да стане дел од европското семејство, некако иронично се случува во мигот кога Европската Унија е ставена во ситуација на несакано преиспитување на своите кохезивни вредности, секако, предизвикано од неочекуваната закана на коронавирусот.
Министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија, вчера, на 24 март преку видеоконференција расправаа и донесоа политичка одлука за почеток на преговори со Македонија и со Албанија. Политичката одлука треба уште да се формализира со писмена процедура.

Нацрт-заклучоците што ги усвои Советот за општи работи на ЕУ се различни за Македонија и за Албанија. За земјава, се носи одлука за отворање на пристапните преговори и се предвидува безусловно свикување на првата меѓувладина конференција „што е можно побрзо“, веднаш откако Советот ќе ја утврди преговарачката рамка што треба да ја предложи Европската комисија. За Албанија, ќе има одлука за отворање на процесот, но закажувањето на првата меѓувладина конференција е условено со исполнување серија задачи. Овој пристап се смета дека е компромисно решение со кое, од една страна, се задоволува инсистирањето на некои земји-членки да нема одвојување на Македонија и на Албанија, а од друга, им се излегува во пресрет и на ставовите на Холандија и на Данска, кои сметаа(т) дека Тирана сè уште не е подготвена за суштинско отворање на процесот.

– Не треба да има сомневање дека министрите на Советот за општи работи на ЕУ ќе ја потврдат препораката на Европската комисија за започнување преговори на Македонија за членството во Унијата. Но конечната одлука, сепак, останува на Европскиот совет на лидерите на земјите-членки. Дали тие, во дадениве услови, ќе одлучат Македонија и Албанија, сепак, сега да започнат со преговори за членство, сѐ уште е тешко да се претпостави. Европската Унија е во целосен хаос околу коронавирусот и лидерите тешко ќе дојдат до каква било согласност на следниот состанок, кој ќе биде невообичаен, со видеоврска.

Пред пандемијата на коронавирусот, нашите изгледи беа дека сепак ќе добиеме датум за почеток на преговорите, со јасна цел на Брисел да се влијае на закажаните избори во Македонија. Откако изборите се одложени, таа причина ја губи својата вредност и ја нагласува неизвесноста. Во секој случај, и да добиеме деновиве датум за почеток на преговори, тоа ништо посебно нема да значи за Македонија, бидејќи тој процес може да трае две децении – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Од друга страна, актуелното справување со ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот сериозно ја става на тест самата матрица на европската обединетост.

Германскиот весник „Шпигел“ пишува дека колку и да се обидува новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен да покаже ангажираност околу заедништвото во справување со пандемијата, една друга вистина повеќе се распространува. Впечаток е дека Брисел не се искажа многу кога станува збор за кризата со короната. И во оние области каде што институциите на ЕУ всушност имаат авторитет, тие се бореа да добијат време во носењето на одлуките. Накратко, како што пандемијата се одвива во Европа, Унијата ги покажува своите слабости. Додека ЕУ успеа да ги преживее брегзит и кризата со еврото, кризата со коронавирусот сепак може да се покаже како несовладлив предизвик.

– Наместо да се обидат да дојдат до заеднички решенија, континентот станува балканизиран и се свртува кон националните решенија. Наместо да си помагаат едни на други, земјите од ЕУ држат маски за лице како панични Европејци, кои се борат да соберат повеќе тоалетна хартија. Раните одлуки донесени од некои земји-членки на ЕУ да се воздржат од извоз на медицинска опрема во Италија – земја на ЕУ, која досега е погодена најтешко од пандемијата – дури го засени и недостигот од европска солидарност прикажана од унгарскиот премиер Виктор Орбан во бегалската криза – пишува „Шпигел“.
Сѐ уште не е јасно, како ќе изгледа Европа на крајот на кризата. Агендата на Фон дер Лејен, која повикува на пакет мерки за заштита на климата, т.н. „Зелен договор“, сега веројатно е во втор план. Наместо тоа, имаме воскреснување на стари рефлекси, за кои многумина мислеа дека никогаш нема да се вратат: недоверба, гранична контрола и пристапи на први нации.

Европа успеа да преживее голем број различни кризи во својата историја. Но овој пат, има недостиг од оптимизам меѓу претставниците на ЕУ и дипломатите. Оцената на „Шпигел“ е дека најважниот чекор што Фон дер Лејен би можела да го направи е да го зголеми присуството на една важна европска вредност што моментно слабо функционира, а тоа е солидарноста.
Во таквите актуелни услови во ЕУ, се наметнува прашањето каква е вредноста во овој миг на датумот за почеток на преговори за Македонија, кој го чекаме 15 години и за кој како држава приложивме многу национални и државни жртви.
– Во светлината на овој голем глобален предизвик со пандемијата на коронавирусот, нашата скала на вредности е нарушена. Одеднаш некои други, примарни нешта (како здравјето, пред сѐ) ни значат многу повеќе и добиваат приоритет како општочовечка вредност. Факт е дека и ако добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, тоа во овој миг нема да предизвика некое големо воодушевување. Но ако собереме сили и погледнеме оптимистички во иднината, сепак, многу е важна таа европска идеја. Ако се навратиме на ситуацијата со заканата од болеста, можеби и ЕУ е премала за предизвиците што ги имаат државите во надминување на границите поставени пред човештвото во овој век.

Сепак, сметам дека добивањето датум за преговори со ЕУ, ќе биде голем ден за нас, да почнеме преговори за приклучување кон еден наднационален експеримент, кој започна по Втората светска војна, кога многу лекции беа научени. Од оваа нова војна со коронавирусот учиме некои нови лекции. Тие не нѐ носат во изолација, туку напротив во интеграција за заеднички да ги решиме предизвиците на новиот век. Зашто сепак, Македонија не може сама, изолирана да се соочи со предизвиците на економски план, но и со прашањата за популацијата, екологијата, а сега е највидливо и со новите болести, т.е. здравствените прашања. Добивањето датум за преговори за членство во ЕУ е голем чекор, без оглед на тешкиот момент – смета професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески и прв министер за надворешни работи на самостојна Македонија.