Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 29 март до 04 април 2021, тестирани биле вкупно 26.142 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на „SARS-CoV-2“, со зголемување од 5,0% во однос на минатата недела. Притоа регистрирани биле 7.933 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 6,9% во однос на минатата недела, информираат од ИЈЗ.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје дури 44,5%, со неделна инциденца –572,2/100.000.

Највисока неделна инциденца од 583,3/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци, велат од Институтот.

Според податоците од таму, процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21,0 до 35,2%, или во просек 29,3%, со зголемување за 1,7% во однос на минатата недела.

Биле регистрирани заболени лица од сите возрасни групи.

Сепак, потенцираат дека најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години со 30,2%.

Голем број на заболени се регистрирани и кај лицата во возрасните групи од 50-59 години или 17,9%, лицата на возраст од 30-39 со 17,8%, оние од 40-49 со 16,6% и на возраст од 20-29 со 11,6%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 со 1,2% и од 10-19 години со 4,8%.

Од ИЈЗ информираат дека по добиени 2 негативни теста за присуство на „SARS-CoV-2“ или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.861 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 19,8% во споредба со минатата недела.

Биле пријавени и 260 смртни случаи од 27 градови, или дури 27,5% повеќе во однос на минатата недела, велат од ИЈЗ.

Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 13 лица од возрасната група од 40-49 години, 4 лица од 30-39 години и едно лице од 20-29 години.

Од Институтот информираат дека на 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19.

Заклучно со 04.04.2021, вкупно се вакцинирани 7.009 здравствени работници со прва доза или 4.015 со „ Фајзер/Бионтек“, 2.996 со „спутник В“ и 4.413 (3.805-Фајзер/Бионтек“ и 608- „спутник В“ ) со втора доза на вакцина против Ковид-19.

ИЈЗ потсетува дека од 31.03.2021 започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 04.04.2021 вакцинирани се 1.968 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 29 март до 04 април 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.