Институтот за јавно здравје за периодот од 29 јуни до 5 јули бележи намалување на бројот на новозаболени и починати, а зголемување на бројот на оздравени лица во споредба со претходната недела на известување.

Во овој период направени се вкупно 8.422 тестирања, а регистрирани се 917 позитивни случаи на ковид-19 што е за 186 случаи помалку од претходната недела. Во последните три недели бројот на новозаболени на неделно ниво бележи пад, како и процентот на позитивни случаи од тестирани. Во периодот од 29 јуни до 5 јули овој процент изнесува 10,9 отсто.

Регистрирани се случаи во 25 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (45,9%) и во Тетово (10,3%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,9%, потоа лица од 50-59 години – 19,8%, забележано е благо намалување во однос на претходниот период кај лица помеѓу 40–49 години и благо зглемување на процентот кај лица помеѓу 30-39 и 20-29 години. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа до 9 години – 3,1%, и од 10-19 години – 4,1% од вкупниот број на новозаболени.

Од случаите во овој период кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 113 лица или 13,4% што претставува намалување за 4% во однос на претходната недела на известување, а кај 205 лица или кај 25% регистрирано е присуство на коморбидитети.

Во периодот 29 јуни до 5 јули, регистрирани се 46 смртни случаи, што е 11 помалку од претходната недела на известување. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 67,4%. Кај 38 од смртните случаи (82,6%) регистрирани се претходни коморбидитети.

Оздравени се водат 613 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 166 лица повеќе од претходната недела на известување (21-28 јуни). Ова е исто така важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активни случаи.