Италијанската Влада усвои една од најстрогите анти-ковид мерки во светот. Се бара од сите вработени во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест за коронавирус или потврда дека неодамна ја прележале болеста.

Одлуката беше донесена на владина седница и треба да стапи на сила на 15 октомври.

Целта на овој потег е луѓето да се вакцинираат за да се намали заразата во една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирусот.

Работникот кој нема да може да презентира валиден здравствен сертификат ќе биде суспендиран без плата, но не може да добие отказ. Оние што ја игнорираат уредбата и ќе дојдат на работа без ковид-сертификат, ќе добијат казна од 600 до 1.500 евра, пренесе „Ројтерс“.

Иако некои земји од ЕУ наредија здравствените работници да се вакцинираат, ниту една пред Италија не утврди дека ковид-сертификатот е задолжителен за сите работници.

Идејата за ковид-сертификат првично беше поврзана со патувањата, но Италија многу брзо почна да ја применува на места како музеи, спортски сали и внатрешноста на рестораните.

Иако во последните недели имаше протести против ковид-мерките, повеќето политички партии, како и големите здруженија на работодавци ги поддржаа, со надеж дека нема да има повторно затворање на економијата.

Синдикатите се помалку склони кон новите ограничувања и сметаат дека оние кои не сакаат да се вакцинираат мора да ги добијат тестовите бесплатно за да дојдат на работа.

Италија, по Британија, има најмногу смртни случаи од ковид-19 во Европа, повеќе од 130.000 од почетокот на пандемијата.

Околу 74 проценти од 60 милиони луѓе примиле барем прва доза вакцина, а околу 68 проценти се целосно вакцинирани.