Фото: Игор Бансколиев

Модуларната болница во моментов се дезинфицира и се спроведуваат стандардни процедури за нејзино одржување, откако доволниот број на слободни места во последниот период овозможи нејзино затворање, се наведува во соопштението од Клиниката за инфективни болести, како реакција на информациите објавени од дел од медиумите дека во модуларната болница е избегната хаварија со електричната енергија поради прокиснување на покривот.

Инфективна нагласува дека „во модуларната болница немало никаква хаварија, бидејќи ниту се случила поплава во болницата, ниту вода била во допир со струјата“, како и дека „на едно место се појавило мало количество на водени капки, но во ниту еден миг не биле во допир со електричната енергија“.

Се додава и дека модуларната болница, од пуштањето во употреба, трипати била отворана и затворана, во согласност со потребите за третирање пациенти.

– На КИБФС вкупно се хоспитализирани 87 пациенти. Капацитетот на Клиниката е 100 болнички кревети, а на модуларната болница кое е помошно инфективно одделение 70 болнички легла. Инфективна клиника ја става во употреба модуларната болница кога е исполнет капацитетот на Клиниката и другите ковид-болници во градот. Во последниот период доволниот број на слободни места овозможи затворање на модуларната болница. Модуларната болница во моментов се дезинфицира и се спроведуваат стандардни процедури за нејзино одржување – истакнуваат од Инфективна.