Фото: Зоран Антоски

Во кругот на Општата болницата во Кичево интензивно се работи на модуларниот ковид-центар кој треба да биде завршен до крајот на годинава и каде ќе бидат згрижени над 30 пациенти. Две недели во Општата болница во Кичево се вршат брзи тестови, и за истиот период над 300 граѓани се подложени на овие тестови.

Иако се уште двоцифрена, бројката на новозаболени од ковид-19 во Кичево, сепак, бележи стагнација и благо опаѓање, а показателите од последните 24 часа се оптимистичка најава за подобрување на состојбата во оваа општина, каде во изминатите 24 часа се евидентирани 10 новозаболени и дури 68 оздравени лица. Тоа придонесе бројот на активни случаи да се спушти на 472, додека вкупниот број на инфицирани од почетокот на пандемијата да стигне до бројот 1.287.

– Овие варијации на новозаболени и оздравени ќе ни се случуваат и во наредниот период, т ака што, со сигурност не можеме да потврдиме во кој правец ќе се движи дневната бројка на новозаболени, но радува фактот што дури 68 лица во еден ден се оздравени, и би посакале и во наредните денови да бележиме слични бројки. Во нашата болница веќе две недели се вршат брзи тестови врз граѓаните и во истиот период над 300 граѓани се подложени на брзи тестови. Овој тренд на 180 извршени тестови во една недела ќе продолжи и понатаму – рече д-р Станко Трпески, директор на Општата болница во Кичево. З.А.