Вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, не сакаше да ги соопшти мотивите за разрешувањето на неговиот претходник Сулејман Реџепи, посочувајќи дека сѐ уште се анализира работењето на претходното раководство и дека јавноста ќе биде запознаена со наодите

Наспроти претходното раководство на Исламската верска заедница (ИВЗ) на чело со Сулејман Реџепи, кој го прогласи коронавирусот за мртов, вршителот на должноста поглавар на ИВЗ, Шаќир Фетаи, смета дека вирусот постои и дека е потребна голема свест од сите за да се запре неговото ширење.
Токму ова го посочи вчера тој на неговата прва средба со новинарите, откако по рамазанските празници пред помалку од еден месец стапи на оваа функција.

– Коронавирусот постои и за тоа сведочат сите здравствени власти. Потребна е голема свест за неговото ширење да се надмине. Нашите имами во џамиите се придржуваат до сите препорачани мерки – посочи новиот поглавар.

Тој не сакаше да го коментира начинот на кој е разрешен неговиот претходник, односно дали причините за тоа се финансиски или лични поради венчавката со 40 години помлада жена. Во ИВЗ, како што рече, сѐ уште се анализира состојбата и сите заклучоци од работењето на претходното раководство ќе бидат објавени во јавноста. Поглаварот Фетаи рече и дека отсега ИВЗ ќе работи транспарентно и за тоа навремено ќе ги известува медиумите.

Инаку, првпат одлуката за смена на првиот човек на ИВЗ дојде однатре, односно од членовите на Ријасетот на верската заедница, иако претходно имало обиди за узурпирање на седиштето на ИВЗ, како и за нелегално разрешување на поглаварот.
ИВЗ со години ја тресеа внатрешни судири и обиди за резрешување на поранешниот поглавар Реџепи. Тој дојде на оваа функција во септември 2006 година по неколкугодишна борба за превласт во ИВЗ со тогашните радикални структури и најавуваше зачувување на традиционалниот ислам.

[email protected]