Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поттикнато, од, како што велат, некои неодговорни објави, пред сè, на социјалните мрежи, апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кои се заразени со коронавирус или за кои постои сомнеж дека се носители на вирусот.

– Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела, без разлика дали тие се присутни на традиционалните медиуми или на социјалните мрежи – се наведува во соопштението на ЗНМ.

Оттаму предупредуваат дека поради природата на професијата, новинарите се повеќе изложени на контакти со луѓе, а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот.

– Од апсолутна важност за нивната лична безбедност и безбедноста на лицата со кои се во контакт е да се обезбедат услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза – нагласуваат од новинарското здружение.

Во врска со информацијата дека уредникот на националната телевизија „Канал 5“, Гоце Михајлоски, е позитивен на коронавирусот, од ЗНМ на колегата му посакуваат брзо закрепнување и набргу да се врати на своето работно место.