Стручната јавност смета дека заштитата на лекарите и на медицинскиот персонал е исклучително важна, затоа што тоа е дефицитарен кадар, особено во држави како Македонија, во кои изминативе години имаше масовен одлив на вакви кадри во странство

БРОЈКАТА НА ЗАРАЗЕНИ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ АЛАРМИРА

Околу десет отсто од заразените со коронавирус во државата се здравствени работници, кои вирусот го дoбиле од контакт со заразени пациенти. Последната статистика за Македонија покажува дека заклучно со 5 април годинава, од 555 заразени со ковид-19, 52 лица се здравствени работници. Општата статистика вели дека Македонија не е исклучена од овој процент и дека речиси во сите држави во светот секојдневно се зголемува бројот на заразени лекари и медицински персонал. Здравствените работници се први на линијата на борбата против пандемијата, а речиси сите светски медиуми веќе ги прогласија за херои на годината.

Стручната јавност смета дека заштитата на лекарите и на медицинскиот персонал е исклучително важна, затоа што тоа е дефицитарен кадар, особено во држави како Македонија, во кои изминативе години имаше масовен одлив на вакви кадри во странство. Зголемениот број на случаи со ковид-19 ги активира целиот здравствен систем и сите здравствени работници, но доколку тие не успеат да се заштитат од вирусот, тогаш на здравствениот систем му се заканува и можен колапс, бидејќи ќе нема кој да им понуди заштита на пациентите.

Експертите за здравство препознаваат повеќе ризични фактори за здравствените работници. Еден можеби е и заштитата, иако сметаат дека тие во Македонија се добро заштитени и опремени. Сепак, според нив, најважен процес во синџирот на заштита на здравствените работници се искреноста и одговорноста на заразените пациенти. Ако таа алка е цврста, медицинскиот синџир во борбата против коронавирусот ќе биде силен одговор.
Епидемиологот Драган Даниловски смета дека докторите имаат на располагање доволно медицинска опрема, но дека главно пациентите не даваат детални информации за тоа дали биле во контакт со заразено лице и дали се вратиле од ризична земја.

– Тие едноставно одат на лекар без да бидат заштитени или да ги предупредат докторите, за да се обезбедат и тие навреме – објаснува Даниловски.
Министерот Венко Филипче неодамна посочи дека од регистрирани 52 случаи на заболени здравствени работници, 34 биле заболени во болничко-амбулантски услови.
– Сакам да испратам и порака до моите колеги здравствени работници, максимално да се почитуваат протоколите, кои ги имаме од самиот почеток на пандемијата, да се штитат на работните места, но и надвор од работните места.

Тоа значи дека треба да внимаваат постојано, поради тоа што улогата на здравствените работници – здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравјето на здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размери, така ќе останат здрави тие што се здрави и ќе се бориме против вирусот, ќе ги излечиме луѓето што се во овој момент заболени – истакна министерот Филипче.

[email protected]