Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очигледно фокусот на политичките партии за изборната кампања сега би бил насочен на електронските и печатените медиуми, а посебни партиски тимови веќе водат кампањи и преку социјалните мрежи. Сепак, и покрај здравствените ризици од непосредните контакти со граѓаните, односно електоратот, некои стари навики остануваат, па од непосредните средби никој не сака да се откаже

Во потрага по инвентивни
предизборни кампањи за време на короната

Без оглед што нема договор за датумот за избори, на терен партиите веќе ја започнаа изборната кампања, а по последната ескалација што се случи деновиве со порастот на бројот на заразени со коронавирусот во земјава, се отвори дилемата колку се безбедни ваквите активности по здравјето на граѓаните.
Несомнено времето на партиските карвани пред секои избори, како и одењето од врата на врата и мотивирање на граѓаните да ја одберат нивната опција е веќе минато, така што се потребни нови инвентивни начини како подобро да се претстави изборната програма, а притоа да не се загрози ниту здравјето на граѓаните, ниту, пак, на партиските активисти.
Очигледно фокусот на политичките партии за изборната кампања сега би бил насочен на електронските и печатените медиуми, а посебни партиски тимови веќе ја водат кампањата и преку социјалните мрежи. Но и покрај предностите што ги нуди дигиталното време, сепак, некои стари навики остануваат, па од непосредните средби никој не се откажува, без оглед на здравствениот ризик.

Граѓаните не се премногу воодушевени од идејата партиски активисти да ги посетуваат од врата на врата, да им ја презентираат програмата и да им делат промотивен материјал.
– Искрено не се чувствувам безбедно некој да ми доаѓа на врата, да ми зборува за партиска програма и да ми дели пенкалца, тефтери, запалки и слично. Вирусот е непредвидлив, па добро би било, кога веќе ни велат да ги намалиме контактите, да нè поштедат и партиските емисари бидејќи тие во еден ден ќе посетат неколку десетици куќи и нема никаква гаранција дека нема на тој начин да се шири вирусот – вели Методија Панчевски од Скопје.
Според него, партиските митинзи последните години само покажале дека на граѓаните им е преку глава од празни ветувања, па малата посетеност на локалното население се компензирала со организирано носење со автобуски конвои на партиски активисти низ целата држава.

– Партиите треба да станат поинвентивни. Имаат други можности да ја претстават изборната програма и треба да ги искористат, а не да ни доаѓаат дома. Но најважно, не само да ја претстават програмата туку да ја остварат – додава Панчевски.
Според потпретседателот на СДСМ Коста Петров, тие како партија ги почитуваат сите протоколи што се однесуваат на организирањето состаноци и собири со граѓани.
– СДСМ е секогаш на терен со граѓаните, нормално со почитување на протоколите… Ние ги почитуваме правилата што ги постави Комисијата за заразни болести што се однесуваат за собири и состаноци. Впрочем, тоа го прават сите политички партии. Ние ги споделуваме сите информации, ги споделуваме сликите и видеоматеријалите од средбите, за да им покажеме на другите како треба да изгледа еден состанок во оваа нова ера на корона-кризата – вели Петров.
Според него, сè додека ги почитуваат протоколите, она што како партија го прават на терен не е опасно по здравјето на граѓаните.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски рече дека тие се одговорна партија за која здравјето на граѓаните е на прво место и дека апсурдно е да се тера некаква кампања во време кога бројките на заразени со коронавирусот растат.
За докторите ваквите директни средби се опасни и отвораат можност за уште поголемо ширење на заразата.
– Ова движење не само што нема услови да се прави туку е и многу ризично и опасно. И за тие што одат, и за тие што ги пречекуваат – смета Зоран Спировски, доктор на Клиниката за торакална хирургија.
Тој додава дека ниту маските штитат целосно, ниту, пак, редовно може да се испочитува дистанцата при партиските собири.
– Без оглед што се држиме до правилата, сепак и самите маски не штитат 100 отсто. Не секогаш може филигрански да се одреди таа дистанца меѓу луѓето. Секогаш на ваков или таков начин ќе дојде до одредени зближувања на дистанците и, ете, можност за ширење на инфекцијата – појаснува Спировски.
Експертите во делот на пиар-стратегиите сметаат дека партиите нема да се откажат од средбите со граѓаните, без оглед колкав ризик би претставувало тоа за здравјето на граѓаните.

– Во ова ново време партиите ќе ги користат социјалните медиуми, како и традиционалните, електронски и печатени. Но покрај тоа, сепак ќе останат и на личниот контакт со гласачите, бидејќи поинаков е впечатокот кај луѓето кога директно се среќаваат со оние за кои треба да гласаат – вели Синиша Пекевски, пиар-експерт.
Тој додава дека кога има повик од лидерите, граѓаните, особено партиски определените, одговараат на повикот.
– Видовме што се случи со литиите, со ифтарската вечера, така што нема причина луѓето да не се одзват и на повиците за средби со партиските функционери – смета Пекевски.