Веб-страницата Vakcinacija.mk од денеска ја пуштивме во употреба, a за само неколку часа има повеќе од 8.000 регистрирани граѓани, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, на социјалните мрежи.

– Сите пополнети апликации на страницата ќе бидат внесени во системот ‘Мој термин’ и нема потреба дополнително да го ажурирате податокот или да го барате и информирате својот матичен лекар дека сте се регистрирале. Во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација матичниот лекар ќе ве повика и ќе ве информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот што ќе го изберете при регистрацијата – објаснува Филипче во објавата.

Министерот нагласува дека во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и граѓаните над 70 години.

– Сите други што се регистрирале ќе бидат контактирани од матичниот тогаш кога нивната група ќе биде на ред за вакцинирање во согласност со националната стратегија – посочува Филипче, кој додава дека вакцинирањето е доброволно, но е единствениот начин за да го победиме вирусот.