Фото: Зоран Антоски

За првпат од појавата на коронавирусот во земјава, во еден ден во Кичево се регистрирани тројца новозаразени граѓани. Се работи за две особи од помлада возраст и една постара особа. Според она што ни го предочи член на Општинскиот Кризен штаб, трите особи се со лесна клиничка слика и сите се наоѓаат во домашна изолација.

– Откако пред три дена во Кичево за првпат беа регистрирани две особи заразени од ковид-19, во еден ден, оваа бројка е надмината откако денес се регистрирани три особи заразени од ковид-19. Од трите новозаразени лица, една особа коронавирусот го пренела од страна по контакт со граѓани од друга средина. По информацијата за трите новозаразени лица, се пристапи кон анализа со кого истите во последно време биле во контакт и овие  особи во текот на утрешниот ден ќе бидат тестирани за да се провери која  од нив е можен носител на ковид-19. Во нашиот град моментно евидентирани се пет лица заразени со коронавирусот, додека три лица се излекувани – информираа од Општинскиот Кризен штаб.