Фото: Маја Јаневска-Илиева

За мерките дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција.

– Гледаме и следиме примери и од другите земји. Има приватни компании кои едноставно сакаат вработените да им се вакцинирани за да може нормално да функционира работниот процес, а ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што евентуално би вовеле такви мерки таму кај што има можност за масовни собири, јавни настани, можеби влез за некои јавни места – нагласи Филипче при посетата на Клиничката болница во Битола.

Министерот за здравство посочи дека Македонија моментно има највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа. Филипче потенцира дека не е во план наметнување на правила со кои вакцинацијата би станала задолжителна, како за децата, така и за возрасните.

Филипче додаде и дека секој понеделник пристигнуваат помеѓу 20 и 30 илјади вакцини, како и дека во третиот и четвртиот квартал треба да стигнат 700 илјади вакцини од „Фајзер“ според директниот договор.