Фото: Игор Бансколиев

Во периодот од 8 до 14 октомври од коронавирус починале 105 пациенти, а 75 отсто од нив не биле вакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во овој период, 26 пациенти биле вакцинирани, а само еден од починатите немал хронично заболување и имал 80 години, информира Министерството за здравство.

Двајца од починатите пациенти биле вакцинирани со вакцината на „Фајзер“, тројца со вакцината на „Астра зенека“, четворица починати пациенти примиле вакцина „синовак“, а 17 пациенти примиле вакцина од производителот „Синофарм“.

Според податоците од Министерството за здравство, најголем број од лицата кои биле вакцинирани и кои починале од коронавирус имале кардиолошки заболувања и дијабет. Останатите имале белодробно заболување, бубрежно заболување, невромускуларно заболување, хипотироидизам и малигно заболување.

Министерството за здравство информира дека неделно ќе ја информира јавноста за починати лица со ковид-19 кои биле комплетно вакцинирани, какви хронични заболувања имале починатите и колку од починатите со каков тип вакцина биле вакцинирани. За комплетно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцина, а од ревакцинацијата поминале повеќе од 14 дена.


 Имунизираните со „Синовак“ и „Синофарм“ можат да примат трета доза по три месеци од ревакцината

Националниот Комитет за имунизација денеска днесе одлука со која препорачува, граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите Синовак и Синофарм, трета доза вакцина може да примаат после изминати три месеци од ревакцинација.
Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот Фајзер, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, Фајзер, Астра Зенека или Спутник В, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација. Министерството за здравство апелира граѓаните во што поголем број да се вакцинираат. Вакцините освен што се ефикасни, се исто така безбедни, укажуваме на важноста на вакцинација. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.