Попладнево, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, телефонски разговараше со потпретседателот на Владата на Србија и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

– Со српскиот колега беа споделени искуства во борбата со здравствената криза, како и информации за епидемиолошката состојба во Северна Македонија и Србија. Министрите разговараа и за плановите за натамошно ублажување на рестриктивните мерки, притоа запазувајќи го јавното здравје – соопшти МНР.

Дачиќ информирал дека веќе не е потребна посебна согласност за влез на странски државјани во Србија и дека преминувањето на српските граници, сега се одвива според вообичаен режим.

Двајцата министри се согласиле за интензивна билатерална соработка и продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји. Во таа смисла, Димитров ја прифатил поканата на Дачиќ за официјална посета на Србија во наредниот период, кога условите тоа ќе го дозволат.