Општина Прилеп продолжува со активностите околу изнаоѓање дополнителни мерки за заштита на граѓаните од коронавирусот. Откако неколку компании пред неколку денови започнаа со изработка на заштитни маски, од попладнево стартува изработката и на штитови за лице, кои првично ќе бидат наменети за заштита на здравствените работници.

– Имаме нов начин на изработка на заштитни маски, се работи за заштитен штит за лице, кој што е дело на компанијата ‘Ипринт’ со што покажуваме дека се грижиме за нашите граѓани. Ќе започнеме со распределба на штитовите за лице на медицинскиот персонал, како некој што е најмногу изложен на ризик од инфекција со коронавирусот. Штитовите за лице се ставаат над заштитната маска, за да заштитата биде поголема од кивање, кашлање и капличната инфекција која се јавува. Во Прилеп има се’ повеќе вакви компании кои ќе се вклучат во производството на овие заштитни штитови. Затоа денеска формиравме таканаречен ‘3Д пункт’, каде нашите сограѓани кои поседуваат 3Д принтери можат да се јават, со цел да направиме што побрзо и што повеќе вакви штитови за лице, затоа што се неопходни во овој момент – изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Шеесетина штитови утре ќе и’ бидат предадени на Општата болница. Во следните неколку денови вакви штитови ќе добие целиот медицински персонал во болницата, после што заштитни штитови ќе им бидат донирани и на матичните лекари и стоматолози.

Прилепчанецот Зоран Дамчески кој неколку години работи со 3Д принтер, вели дека бил трогнат и инспириран од примерот на ентузијастите во Италија, кои преку изработка на вентил за респираторните машини му помогнале на медицинскиот персонал да спаси што повеќе животи во борбата со коронавирусот. Тоа било за него било основниот мотив да започне со печатење и изработка на штитници за лице.

На инцијативата за изработка на штитниците која ја започнале тој и неговиот син, до сега се приклучиле и претставници од фирмите „Резонатор“ и „Графика Дизајн“.
Ка.М.