Владата ја усвои уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и Јавните обвинителства, според која законските и преклузивните рокови за поднесување тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување вонпарнична постапка, поднесување барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба сè до престанување на вонредната состојба. Законските и преклузивните рокови за изјавување правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки роковите за изјавување жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Со оваа уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

На судиите поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува сè до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од вирусот Ковид-19, од 17.03.2020 година. Со оваа уредба се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно задолжителните упатства на Јавното обвинителство, донесени во врска со вирусот Ковид-19 .

На оваа седница е усвоена одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки. Со оваа предлог-одлука на трговците на аргуми, свежи или сушени, и тоа: портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, со тарифен број 0805, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објектите кои се наменети за трговија на големо на овие стоки (магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простории кои ги исполнуваат условите пропишани со закон и друг пропис).

Одлуката се предлага на предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите констатирале дека на терен трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, а не од трговија на големо иако истите не располагаат со продажни објекти наменети за трговија на мало.

На денешната седница беше донесена и уредба со законска сила за примена на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ за време на вонредна состојба. Според уредбата, објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ за време на траењето на вонредната состојба се врши само во електронска форма.

Донесувањето на оваа уредба е со цел намалување на трошоците за Jавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ во однос на печатените изданија и нивна дистрибуција, со што ќе се зголеми на ефикасноста на процесот на објава на уредбите со законска сила, и на другите прописи, со цел веднаш да бидат достапни за широката јавност, за време на вонредната состојба, а ќе се укине целосно потребата од непосредна дистрибуција на печатените изданија до крајните корисници, што е во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19.

Владата на денешната 31. седница донесе уредба со законска сила за примена на Законот за железничкиот систем за време на вонредна состојба, со која се регулира компензирање на трошоците за време на траење на вонредната состојба, како и регулирање на исплата на неостварениот приход од продажба на билети за оние патнички возови кои се укинати за време на траење на вонредната состојба и регулирање на исплата на неостварениот приход по основ на надоместок за користење на железничката инфраструктура.

На денешната 31. седница Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за извршените инспекциски надзори на 27, 28 и 29 март 2020 година.