Осумнаесет затвореници од затворот „Идризово“ се во самоизолација поради контакт со осуденик што се заразил со коронавирус. Директорот Боби Мојсовски вели дека целото крило во приземјето е изолирано и така ќе остане наредните 14 денови. Меѓу изолираните поради контакт со заболениот осуденик е и Сеад Кочан кој одлежува казна затвор од четири години и осум месеци.

– Затвореникот беше на викенд од 24 до 27 јуни. На 30 јуни имаше покачена температура, поради што веднаш беше изолиран. Му беше направен тест за коронавирус кој беше позитивен. Целото крило е во самоизолација во траење од 14 дена, бидејќи сите затвореници се соба до соба и имале меѓусебен контакт – вели Мојсовски.

Тој додава дека ниту еден затвореник досега не развил симптоми, ниту пак, имало бурни реакции поради тоа што во затворот е евидентиран случај на заразен со вирусот. Мојсовски се надева дека нема да има зголемен број на заболени во затворот, но доколку се случи тоа, алтернативата е да се лекуваат во објектот на затворот кој е во склоп на Клиничкиот центар во Скопје.

– Очекувавме да се случи и ова, иако сме заштитени со протокол, затворениците потпишуваат изјава при излегување, запознаени се со сите работи. На нив им беше забранет викендот, но тие сакаа да одат. Околу 300 луѓе имаа право да искористат викенд. Ако не ги пуштевме, тие ќе реагираа, па ќе реагираше Народниот правобранител, Хелсиншки комитет и така натаму. Тие се запознаени дека треба да ги почитуваат мерките за заштита, да носат заштитна маска, да одржуваат дистанца, да не се групираат – додава Мојсовски.