Двајца доктори и една медицинска сестра во болницата во Куманово се заразени со коронавирус, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Тие имале контакт со пациентката што почина од вирусот.

Тој рече дека се земени 63 бриса за тестирање, меѓу кои се медицински персонал од кумановската болница и членови на семејството на заболените здравствени работници, а во согласност со резултатите, ќе се направи план за работата на болницата.

Едно од заразените медицински лица живее во околината на градот, па од тие причини на владина седница одлучено е дека во Куманово ќе се укинат целосно и меѓуградскиот и градскиот превоз.

Донесена е и одлука за затворање на продавниците во трговските центри во Куманово.

– Сметаме дека со овие мерки и укинување на врските има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на вирусот – рече Филипче.

Во Куманово има осум случаи на коронавирус. Една пациентка почина на 21 март.

Филипче повтори дека во изминатите 24 часа има 12 нови случаи на инфицирани со коронавирус, од кои седум се од Куманово и пет од Скопје. Вкупниот број заболени е 148 лица, од кои една пациентка е излекувана, а двајца починати.

– На Инфективната клиника во моментот има 29 пациенти. Од нив, една е во тешка состојба, првата заболена пациентка од Дебар, а шест пациенти се со потешка клиничка слика, но не им е потребна респираторна поддршка – информира Филипче.