Вакцинацијата против ковид-19 со вакцината на „Астра Зенека“ на лица над 77 години започна денеска и во Здравствениот дом во Прилеп.

– Одвај дочекав да се вакцинирам. Треба да веруваме на вакцините, тие ќе нѐ заштитат – кажа една прилепчанка.

Се вакцинираат повозрасните граѓани кои се пријавиле преку матичните лекари. Тие велат дека се одлучиле да се вакцинираат за да го заштитат сопственото здравје.

– Сѐ и сешто се кажува за вакцините. Еве се вакцинирав, па како што рекол Господ
– изјави друг прилепчанец.

Кети Смилеска, в.д директор на болницата, во чиј состав е Здравствениот дом, каде сe врши вакцинацијата, изјави дека денеска планирано е да се вакцинираат 90-мина прилепчани.

– Сите кои беа евидентирани преку Мој термин се пријавиле на пунктот за вакцинација. Од утре ќе вакцинираме на два пункта сѐ додека не се искористат сите 900 вакцини кои ги добивме. Граѓаните гледаат надеж дека нема да се заразат. Сите вакцинирани од утрово се добро – изјави Смилеска.

Во прилепската болница хоспитализирани се 120 пациенти, од кои 90 се на кислородна поддршка. Остануваат уште четири легла. Во петок планирано е да се пушти во употреба модуларната болница, за што подготовките се при крај. Во неа ќе можат да се лекуваат 35 пациенти. Ка.М.