Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче ја промовираа новата кампања, со цел да го зголемат обемот на вакцинација во земјава, но и за борба против „антиваксерското дезинформирање на населението“.

Тие го промовираа и рекламниот спот за кампањата, насловена како „За моментите на среќа – вакцинирај се“, каде се прикажани луѓето како патуваат, одат на поголеми прослави, прават свадби, се дружат, а децата одат во училиште без маски, со цел, како што рече Филипче, да се потсетат граѓаните како се живеело пред пандемијата.

– Граѓаните мора да ги имаат точните проверени стручни информации за вакцините. Новиот пик и новиот делта сој потврдува дека една од најсуштинските мерки е масовната имунизација на населението. Со новите мерки што ги донесе владата лежи токму таква цел и тие даваат ефект. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствен начин да се победи пандемијата. За да го поттикнеме овој тренд и да ги охрабриме граѓаните, ја лансираме оваа кампања – изјави Заев.

Според Филипче, вакцината во моментов е најсилното оружје против ковид-19.

– Гледаме дека повеќето смртни случаи и оние со потешки форми се невакцинирани. Сосема мал е бројот на заразени кај вакцинираните. Оваа кампања ќе ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата, треба да ги разбие сите митови и дезинформации и да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат. Ќе се бориме против овие дезинформации кои ги заплашуваат граѓаните и ќе ги разбиеме сите митови – рече Филипче и ги повика младите да се вакцинираат во што поголем број, за да се заштитат себе и околината.