Семејството Заеви донираа хуманитарни пакети со основни прехранбени производи за помош на граѓаните од социјално ранливите категории во општина Струмица, изјави на денешната прес-конференција началникот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Александар Оџаков.
Тој истакна дека семејството Заеви, освен во општина Струмица вакви пакети донирало и во другите општини во државата, а кои деновиве преку волонтерите ќе стигнат до домовите на социјално загрозените семејства.

– Дистрибуцијата на овие хуманитарни пакети ќе се врши согласно сите мерки за заштита, почнувајќи од пакување па се до достава во семејствата, а ќе ја вршат волонтери обучени за ваква испорака. Вакви пакети ќе се делат додека трае кризата – изјави Оџаков.

– Ги повикувам сите компании и граѓани во ова исклучително тешко време за сите нас, во рамките на нашите можности да им помогнеме на семејствата кои имаат потреба од прехранбени и производи за лична хигиена. Многу е важно во овие вонредни околности да ја покажеме нашата хуманост и солидарност и сите заедно да се справиме со овој голем предизвик пред нас.
Упатувам и апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и на Општинскиот штаб за заштита и спасување, затоа што само така ќе можеме да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски – рече Оџаков.