Премиерот Зоран Заев посочи дека има најава за постигнување на договор со Кина за набавка на 200 илјади вакцини, како и оти тој би се вакцинирал меѓу првите за да даде пример, во текот на денешното гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.

– Имаме најава и за договор со Кина за 200 илјади вакцини. Тие најавуваат за јануари ама допрва треба да ги разгледаме условите. За нас е важно час поскоро да стигнат сите вакцини бидејќи ќе се намали притисокот – кажа Заев.

Премиерот посочи дека би бил меѓу првите кои ќе ја примат вакцината против ковид-19, но без да ги крши протоколите.

– Ако притоа е важно за сите да оцениме оти треба да го дадам примерот, јас ќе го дадам веднаш, несакајќи да ги прекршам протоколите односно да ги прескокнам лекарите и пензионерите или хронично болните. Меѓутоа, сигурно ќе бидам меѓу првите што ќе ја примат вакцината, за да испратам порака дека е здрава и безбедна – категоричен е Заев, кој додаде дека колку што побргу ќе се вакцинира населението, толку побргу и животот ќе се врати во нормала.