Владата на денешната седница донесе уредба за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус.

Според оваа уредба, сите на кои им е извршено тестирање ќе бидат во задолжителна самоизолација, од моментот на земањето на материјалот за тестирање, сé до добивањето на негативен резултат.

Уредбата утврдува дека доколку земањето на материјал за тестирање е извршено вон домот, односно местото на потенцијална самоизолација на физичкото лице кое се тестира, лицето има обврска без одлагање во најкус можен рок и на најбрз начин, да се упати во самоизолација при што треба да ги намали, односно сведе на минимум попатните контакти со други лица, се до пристигнување на местото на самоизолација.

Со уредбата се определува дека самоизолацијата трае до добивање на негативен резултат од тестирањето.

Самоизолацијата се спроведува во домот на лицето или во стан или куќа каде што истото може целосно да биде изолирано од лицата со кои живее (викенд куќа, стан во кој што не живее и слично).

За времетраење на самоизолацијата, лицето во самоизолација не смее воопшто да излегува, треба да ги сведе на апсолутен минимум контактите со лицата со кои што живее (ако не може целосно да се одвои) и треба да ги почитува препораките на Министерството за здравство во врска со самоизолација.

Самоизолацијата може да премине во домашна изолација врз основа на Решение за здравствен надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно протоколите за намалување на внесот, ширењето и справувањето со коронавирусот ковид-19.