Владата на седница го разгледа и донесе Протоколот за влез во земјава на странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства и го задолжи Министерството за надворешни работи веднаш да ги извести сите странски дипломатско конзуларни претставништва акредитирани во Република Северна Македонија за усвоениот протокол.

Согласно протоколот, странските дипломати и членовите на нивните семејства при влез во земјата начелно не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин. Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила (кои дипломатите согласно Виенската конвенција мора да ги почитуваат) мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно.

За спроведување на овие мерки се задолжени Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.