Фото: Игор Бансколиев

Македонија со години уриваше светски рекорди според загадувањето на воздухот, токму поради недостигот од чисти извори на енергија. Тоа резултира со огромни концентрации на ПМ-честички што се погубни по здравјето на луѓето, а сето тоа може да има катастрофални последици доколку наесен се појави втор бран на ковид-19

Македонија заостанува во спроведувањето на плановите за обезбедување чисти извори на енергија во насока на зачувување на природната средина, што може да биде клучно во периодот што следува ако се има предвид дека токму луѓето што се изложени на загаден воздух се поранливи од ковид-19.
Македонија со години уриваше светски рекорди според загадувањето на воздухот, токму поради недостигот од чисти извори на енергија. Имено, најголемиот производител на струја во земјава, РЕК „Битола“, работи на јаглен, додека државата малку прави реално да ги субвенционира граѓаните да поставуваат фотоволтаични системи на своите домови, а со тоа и самите да придонесуваат за производство на чиста енергија, на сметка на употребата на фосилни и нееколошки горива за загревање на домовите.

Иако гасот не е најеколошката солуција, сепак е добра алтернатива за сè што се користи денес, но процесот на гасификација оди бавно, а гасификацијата на домаќинствата ќе се одолжи уште за некоја година.
Тоа веројатно ќе резултира со огромни концентрации на ПМ-честички што се погубни по здравјето на луѓето, а сето тоа може да резултира со катастрофални последици доколку наесен се појави втор бран на ковид-19.
Во таа насока е и повикот на Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ) до сите влади во светот, со барање чистите извори на енергија да ги стават во фокусот на плановите за закрепнување од коронавирусот.

– Гледам политичарите излегуваат на телевизија и раскажуваат гасоводот е при крај, уште крак ваму, крак таму и работата е завршена. Она што јас како граѓанин го гледам е дека никаде низ градовите не се поставува инсталација до домовите. Живеам во приватна куќа во Жданец и сакам да го пренаменам парното греење од дрва на гас, но не знам уште колку години ќе треба домаќинствата да се гасифицираат. Дотогаш, и да сакам, не можам да бидам еколошки одговорен, оти немам друг начин за загревање – вели Јовица Ангелевски од Скопје.
Од Министерството за транспорт и врски тврдат дека, и покрај пандемијата, реализацијата на капиталните проекти не запира, а тоа се однесува и на изградбата на гасоводите.

– Веќе се реализирани околу 90 отсто од изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Битола, кој се очекува наскоро да биде комплетно завршен, додека гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар бележи реализација од 58 отсто… Ги започнавме постапките за изградба на магистрален гасовод од Велес до Свети Николе. Проектот ќе биде финансиран со кредит од ЕБОР, па затоа многу ни е важно да имаме избори и да се формира парламентот, за да може преку закон да се обезбедат средства како за овој капитален проект, така и за други проекти од огромно значење за граѓаните и за економијата во целост – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Она што го нуди во моментот државата како алтернатива за намалување на загадувањето на воздухот е субвенционирање велосипеди, електрични тротинети, инвертер-клими, сончеви колектори, вградување плински уреди во возилата, што, секако, е за поздравување и е некаков чекор во вистинска насока, но тоа е занемарливо во однос на глобалниот ефект што треба да се постигне доколку се сака трајно да се реши загадувањето.

Познавачите на состојбите во делот на обновливите извори на енергија велат дека државата сепак не прави доволно за реално да помогне во намалувањето на загадувањето на почвата, водата и воздухот.
– Препораката од Меѓународната агенција за енергетика за периодот по ковид-19 е зголемена заинтересираност на државите кон обновливите политики и посериозни мерки. Во поглед на политиката на декарбонизација на производството на електрична енергија и нејзиното имплементирање во периодот до 2050 година, Македонија сè уште неволно ги спроведува мерките предвидени за овој процес – вели добро запознаен извор на состојбите во делот на енергетиката, кој посака да остане анонимен.

Според него, државата треба посериозно да се зафати со работа доколку сака да обезбеди здрава животна средина.
– Иако последнава година имаше придвижување напред, со можноста за примена на фотоволтаични системи кај домаќинствата, генерално, нашата држава несериозно се однесува кон овој процес. Меѓу познавачите одамна провејува идејата дека Чебрен и Галиште би требало да бидат државна инвестиција, затоа што таа ќе помогне за зголемување на присуството на обновливи извори на енергија, но истовремено и за подобрена енергетска самостојност и помали загадувања. Големата заинтересираност кон субвенционирањето на системите за обновливи извори на енергија е потребно да се зголеми и во обем и во вредност – смета изворот со кој се консултиравме.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање не добивме одговор за тоа што ќе се преземе во периодот што следува во насока на намалување на загадувањето.