Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општо е познато дека здравјето е уметност на живеењето. Но исто така е познато дека повеќето македонски граѓани не живеат во согласност со оваа изрека, а најчесто одат на лекар само кога ќе им се појават симптоми и сериозни здравствени компликации. Можеби затоа кај здравствените работници се појавува надеж дека оваа пандемија ќе придонесе кон промена на свеста за редовни здравствени контроли на целата популација и создавање навики преку кои може навреме да се откријат промените во организмот на одреден човек. Промена на свеста е потребна и кај луѓето што имаат игнорантски однос кон корона-кризата и кои сметаат дека таа е преувеличена. Нивниот став не значи дека треба да го занемарат сопственото здравје

Ќе нѐ научи ли коронавирусот да бидеме поодговорни кон своето здравје

Може ли пандемијата од ковид-19 да го промени односот на луѓето кон сопственото здравје, или стравот, пак, можеби ќе создаде поголеми хипохондрици од луѓето? Сигурно е дека мерките за заштита и препораките за зголемена хигиена предизвикуваат поголема внимателност и грижа за сопственото здравје, но дали тој однос ќе продолжи и по завршувањето на кризата?! Дали коронавирусот ќе успее да помести нешто во навиките на луѓето, кај нивната одговорност кон себе и, на крајот на краиштата, во колективниот менталитет на луѓето?

Поголемата хигиена и поголемата грижа за здравјето не значи и дека луѓето треба да бидат опседнати до степен на страв, туку значи само повеќе да се грижат за себе. Оваа состојба може да помогне во тој процес ако се сфати дека некои навики од минатото треба да еволуираат и да се менуваат на подобро.
Општо е познато дека македонските граѓани најчесто одат на лекар само кога ќе им се појават симптоми и сериозни здравствени компликации и затоа можеби оваа пандемија треба да придонесе кон промена на свеста за редовни здравствени контроли преку кои може навреме да се откријат промените во организмот на одреден човек.
Промена на свеста е потребна и кај луѓето што имаат негативен однос кон корона-кризата и кои сметаат дека таа е преувеличена. Нивниот став не значи дека треба да го занемарат сопственото здравје.

Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека оние луѓе што и претходно оделе често на лекар и ги посетувале нивните ординации, сега тоа го прават позачестено, но со телефонски консултации. Најчесто тие што често посетувале матичен доктор, сега се уплашени и најмногу загрижени од можноста за зараза од коронавирусот.
– Не можеме да генерализираме дали целата ситуација ќе направи одговорни личности од луѓето за беспрекорно да се грижат за своето здравје. Иако е познато дека одиме на лекар само кога веќе нема каде, сепак, изминатите години и пред оваа ситуација е издигната свеста по ова прашање. Но има и такви што воопшто не обрнуваат внимание на целата ситуација, тука би ги издвоила пушачите, кои, и покрај носењето маски и препораките за дезинфекција на рацете, не ја променија навиката на пушење цигари – вели докторката Чолакова-Дервишова.

Искуството на лекарите овој период покажува и дека граѓаните различно ја манифестираат својата психолошка состојба, а многумина од нив ги менуваат навиките за поголема грижа кон себе, но има и доста случаи кога стравот предизвикува психолошко оптоварување. Токму затоа, психолозите и психијатрите овој период имаат зголемена работа во насока да ја следат психолошката состојба на заболените од коронавирусот, но и оние што имаат симптоми или, пак, биле во контакт со заболен.
Д-р Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија, посочува дека овој период од неколку месеци, кога во сила се мерките за заштита од коронавирусот, одреден број од луѓето што веќе страдаат од опсесивно компулсивно растројство, мизофобија или хипохондрија сосема соодветно се адаптирале во ситуацијата, бидејќи тие и во рамките на својата состојба имаат зголемени потреби за хигиенски навики.

– Кај некои од нив опасноста за зараза доведува до влошување на состојбата, за што треба да се јават кај соодветните здравствени служби, психијатри, психолози, психотерапевти. По секоја голема криза следува и криза на менталното здравје, во многу светски медиуми се зборува за очекувана светска пандемија и на ментални болести. Здравствените служби како во светот, така и кај нас, се подготвуваат за соодветен зголемен ангажман и во тек се голем број активности за промоција и превенција на менталното здравје – посочува Бајрактаров.
Според него, во последниот период има поединци, па и групи што се скептични кон различни аспекти на пандемијата, кои најчесто се резултат на недостиг од основни знаења, вклучувајќи и од медицината, или пак имаат неадекватен начин на справување со овој заеднички стресоген чинител.

– Некои од нив покажуваат една несоодветна реакција дека доколку не постои пандемија и ја негираат, ќе немаат и причина да се плашат од некаква опасност – однесување што е нормална карактеристика на реакција на деца, но секако не и на возрасни. Присутни се и ставови на т.н. експерти со негирање на состојбата поради различни мотиви заради личен профит. Иако се минорни, тие може да им наштетат на заедничките напори за справување со кризата – вели Бајрактаров.
Издигнувањето на свесноста со информации од медицината заснована на докази, според него, е неопходна и сѐ попотребна борба со лажни вести, давањето примери од развиените земји за пристапот и однесувањето на населението се принципи што може да ни помогнат во справувањето со овие негативни појави.

[email protected]