Министерството за здравство информира дека денеска Европската комисија го усвои националниот дигитален сертификат на Македонија и истиот го смета за еквивалентен на дигиталниот сертификат на ЕУ. На тој начин, Македонија е прва земја во регионот чиј сертификат за ковид-19 ќе се смета за еквивалентен на дигиталниот сертификат на ЕУ.

Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против ковид-19 одобрени од ЕУ.

Со оваа одлука се гарантира дека сертификатите за ковид-19 издадени од Македонија ќе се сметаат за исти со дигиталниот сертификат на ЕУ за ковид-19. Македонија официјално е поврзана со системот на ЕУ со сертификатот за ковид-19 издаден од нашите авторитети и тој ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и дигиталниот сертификат за Унијата. Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ-дигиталниот сертификат за вакцинација, велат здравствените власти.

– Одлуката на Европската комисија е признание за Македонија за преземените активни чекори од наша страна со правилата на ЕУ во оваа насока и потврда за автентичноста и валидноста на чекорите кои се преземаат со цел заштита на здравјето на нашите граѓани – напоменуваат од министерството.