Кабинетот на претседателот на Република Македонија, како дел од активностите за подигнување на јавната свест за прашањата кои ги погодуваат ранливите групи во време на кризата предизвикана од коронавирусот, сними видео порака со сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, на тема семејно и родово базирано насилство.

Целта е да се упати апел за солидарност и поддршка на сите за кои домот во овие моменти не е најбезбедното место, и да се охрабрат жртвите да го пријавуваат насилството.

– Поради пандемијата, поминуваме повеќе време во нашите домови, но, домот не секогаш е најбезбедното место за многумина.

Организацијата на Обединетите Нации и граѓанските организации алармираат за пораст на ризикот од родово базирано и семејно насилство во услови на оваа пандемија. Жртвите на семејно насилство се соочуваат со исклучителна опасност кога мораат да останат во домовите со насилниците, со ограничен пристап до мрежата на поддршка и заштита.

Нашето општество не е исклучок од глобалните трендови. Затоа е важно жртвите да знаат дека:

• постои излез, без разлика на пандемијата

• пријавете насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, матичните лекари;

• информирајте ги блиските пријатели или роднините во кои имате доверба;

Жртвите на насилство можат да го напуштат домот во периодот на забрането движење за да побараат помош во здравствени установи, најблиската полициска станица или првото службено лице кое ќе го сретнат.

Солидарноста, емпатијата и меѓусебната поддршка ни се потребни да ги надминеме овие тешки денови.

И не заборавајте, во ова не сте сами – вели во пораката сопругата на претседатлот, Елизабета Ѓоргиевска.