Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последните податоци на Евростат покажуваат дека македонските граѓани, најголем број државјанства од Бугарија (3.637) добиле во 1998 година, по што нагло се намалува статистичкиот број и се движи од 400 до 200 граѓани. Она што е интересно од статистиката на Евростат е заклучокот, кој го разбива „митот“ за постоење голема побарувачка на пасоши (државјанства) од нашиот источен сосед, од страна на македонските државјани

Евростат го открива најпосакуваниот ЕУ-пасош на македонските државјани

Актуелниот глобален предизвик за борба со невидливиот противник – коронавирусот, во голема мера ги преиспитува доскорешните приоритети и потреби на граѓаните. Луѓето се соочуваат со реалноста, се приспособуваат и продолжуваат со одржувањето на некои вообичаени животни текови, моделирајќи ги според новонастанатите услови и околности, а сепак, планирајќи за својата иднина, работа, егзистенција и одржлив личен и семеен напредок.
Во таквиот контекст, интересно е да се издвои истражувањето на специјализираната европска институција за статистички истражувања и операции, Евростат.

Во неодамна објавеното истражување за побарувачката и доделувањето државјанства на земјите-членки од ЕУ има интересни факти, податоци и информации, кои се однесуваат за македонски државјани на кои им е издадена патна исправа на некоја од земјите од ЕУ или од Швајцарија. Имено, само во 2018 година земјите од Европската Унија им дале вкупно 672.270 државјанства на граѓани од други земји: најмногу на жители од Мароко – 67.156, потоа од Албанија – 47.441 и Турција – 28.386, покажуваат податоците на Евростат.

Италија, Швајцарија, па Германија

Од нашата земја во 2018 година вкупно 7.627 граѓани зеле државјанство во некоја од државите во Европа. Повеќето од нив во Италија – 3.487, потоа во Швајцарија – 1.606 и Германија – 945. Ова е намалување за 450 во однос на претходната 2017 година, кога 8.077 македонски граѓани зеле државјанства во земји од ЕУ. Во последните десет години вкупно 29.428 македонски граѓани зеле италијанско државјанство. Околу 14 илјади тоа го сториле во последните три години, од кои рекордни 6.771 во 2016 година. По Италија, омилена земја за македонските граѓани биле Швајцарија и Германија, каде што во последните десет години се иселиле по 16.935, односно 9.333 граѓани.

Она што е интересно во оваа статистиката на Евростат е податокот, кој го разбива „митот“ за голема побарувачка на бугарски пасоши (државјанства) од страна на македонски државјани. Последните податоци на Евростат покажуваат дека македонските граѓани, најголем број државјанства од Бугарија (3.637) добиле во 2008 година, по што нагло се намалува статистичкиот број и се движи од 400 до 200 граѓани. Токму со бројната состојба на македонски државјани, кои аплицирале (и добиле) бугарски државјанства, често се манипулира заради различни побуди и мотиви, и кај нас и поединци кај нашиот источен сосед, за да им наштетат на добрососедските односи на нашите два народа и држави. Дури имаше појави каде што ваквото прашање длабоко беспотребно се политизира, замаглувајќи ги и историските факти и вистини.

Постоеле и индиции за продавање бугарски пасоши

Во разговор со нашиот соговорник, поранешниот дипломат Ристо Никовски, тој потсетува дека во Бугарија беше откриена и криминална афера за продажба на бугарски пасоши на македонски државјани, што како бројка сигурно влијае на бројот на издадени пасоши на македонски државјани.
– Познато е дека во Бугарија имаше голема афера со продажбата на нивни пасоши на Македонците. По сето тоа, логично се намали бројот на новоиздадени пасоши. Но со најголема сигурност може да се тврди дека 98 отсто, од тие што зеле бугарски пасоши се чистокрвни Македонци и тој чекор го направиле од чиста економска потреба.

Од друга страна, тоа може да значи и дека најголемиот дел од тие што имале намера да земат бугарски пасош веќе го направиле тоа и затоа се намалила бројката на побарувања и издавања. Истовремено, Германија и други земји од ЕУ, сега директно си бараат македонски работници – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Со гледиштата на Никовски, во врска со последните статистики на Евростат за намалениот интерес на македонските граѓани за бугарски пасоши, се согласува и политичкиот аналитичар Александар Пандов.

– Мислам дека и на самата бугарска држава ѝ (беше) е јасно дека мотивацијата за побарувачка на нивни пасоши од страна на македонските граѓани е од чисто економска природа, за полесен пристап до европскиот пазар на трудот, а не поради некакво бугарско „самочувство“. Барем кај повеќе од 90 отсто од тие македонски граѓани што веќе имаа добиено бугарски пасоши во времето кога нам, Македонците за влез во ЕУ ни беа потребни визи. Со текот на годините на Македонците им беше олеснет влезот во земјите на ЕУ, особено во земјите на Западна Европа, (токму Италија, Германија, а и Швајцарија) каде што многумина си ја побараа егзистенцијата.

Многумина и долги години работат во тие земји, па логично е дека некои македонски граѓани оствариле право да се стекнат со државјанства на земјите каде што живеат. Секако дека тоа државјанство го претпочитаат пред бугарското, кое повеќе беше „преодно“ или „излезно“ решение – вели аналитичарот Александар Пандов.
Но тој исто така додава дека истражувањето на Евростат е исклучително интересно и фрла нова светлина за доделените двојни државјанства односно пасоши на Македонците, но подвлекува дека ќе биде уште поинтересно да се следат промените што ќе следуваат и на планот со вредноста на државјанствата (пасошите) по надминувањето на пандемијата со коронавирусот.