Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, во врска со зголемениот број смртни случаи од коронавирусот, вели дека речиси 50 проценти од пациентите кои починале, биле предоцна донесени на клиниката, односно без претходна консултација со лекар.

– За прецизно дискутирање на смртните случаи треба да се направат прецизни анализи. Јас можам да кажам од аспект на она што ние го гледаме на клиниката. Од над 470 пациенти досега, имаме 90 кои за жал, се со смртен исход. Најголем дел од нив се донесени на лекување по 10-15 дена самолекување, односно без претходна консултација на лекар. Еден деруг се донесени по повеќе од една недела самолекување. Нашите математики се дека 50 проценти од пациентите се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил поинаков ако тие биле донесени навреме или барем консултирале матичен лекар – вели Стевановиќ.

Таа вели дека дополнителни отежнувачки фактори се и возраста и хроничните болести, а еден дел од помладите кои починале од ковид-19, не пријавувале хронични болесто.

– Болеста има непозната патофизиологија кои ние овие 4 месеци ја одгатнуваме, со цел болеста да заврши со помалку мака и несакани исходи. Смртноста е многу значајно прашање кое ние здравствените работници мораме да го анализираме на крајот од оваа епидемија – вели директорката на Инфективната клиника.

Во земјава, од 4482 случаи на ковид-19, има 210 смртни случаи.