Д-р Мери Киријас/Фото: приватна архива

Според досегашните искуства со варијантите на САРС-КоВ-2, вакцините сѐ уште нудат висок степен на заштита од хоспитализација и смртен исход, и би се очекувало истото и со омикрон, потенцира д-р Киријас

Рано е да се прават претпоставки дали новата ковид варијанта B.1.1.529, именувана  омикрон, ќе стане доминантна варијанта во светот, смета д-р Мери Киријас, имунолог од Институтот за имунобиолгија и хумана генетика.

– Она што се знае е дека мерките на превенција, како носењето маска, држењето дистанца и честото миење раце и проветрување на просториите за престој, како и пораст на опфатот на вакцинацијата, се мерки кои значајно придонесуваат за спречување на ширењето на различните варијанти на САРС-КоВ-2 вирусот – вели д-р Киријас.

Досега не се пријавени невообичаени симптоми по инфекција со омикрон варијантата, која од Светската здравствена организација (СЗО) доби статус на варијанта на загриженост.

Со оглед на мутациите кои можат да го избегнат стекнатиот имунитет и евентуалното повисоко ниво на преносливост, постои голема веројатност за понатамошно ширење на омикрон на глобално ниво, истакнаа од СЗО во соопштение поврзано со новата варијанта.

– Вирусите постојано мутираат, посебно во услови кога има неконтролирано ширење. Некои од овие мутации може да му наштетат на вирусот, но други го прават вирусот поинфективен и тие мутации тежнеат да доминираат. Линијата В.1.1.529 детектирана во последнава недела содржи 32 мутации во спајк-протеинот, дел од нив веќе детектирани во алфа, бета и делта варијантите. Според тоа, може да биде детектирана со стандардните тестови што се во употреба за дијагноза на ковид-19 – објаснува д-р Киријас.

Бројот на детектирани случаи со омикрон-варијантата во неколку држави сѐ уште е мал за да се даваат претпоставки во однос на брзината на неговото ширење. Неговото ширењето внимателно ќе биде следено во наредниот период, но досега превентивните мерки сѐ уште најефикасно го спречуваат неговото распространување.

– Се прават испитувања да се провери кој е потенцијалот на оваа варијанта да го избегне имуниот одговор. Според досегашните искуства со варијантите на САРС-КоВ-2, вакцините сѐ уште нудат висок степен на заштита од хоспитализација и смртен исход, и би се очекувало истото и со оваа варијанта – потенцира Киријас.

Новата варијанта брзо би се проширила со меѓународните патувања и транспорт, па затоа имунолозите сметаат дека прва мерка за заштита е ограничувањето на правилата за влез во земјите, со што би се спречило и појавување на нови пикови на вирусот.

Варијантата омикрон сѐ уште не е детектирана во Македонија. Се очекува Комисијата за заразни болести денес да расправа за новата варијанта на состанокот за епидемиолошката состојба во земјата.