Фото: Принтскрин

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) апелираат до граѓаните кои се позитивни на ковид-19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување. Директорката на инспекторатот Ирина Бухова, вели дека апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје.

Од инспекторатот известуваат дека добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со ковид-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид-центар, во многу лоша здравствена состојба и починало на само неколку часа по приемот.

Блиски родини на починатото лице дале податок дека станува збор за пациентка која  седум дена била лекувана во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, а истите ги посочил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил нејзин прием.

Според сите законски прописи, испектори од ДСЗИ, веднаш по преставката на здравствениот работник, излегле на терен и утврдиле дека матичниот лекар на пациентката ѝ препишал само таблетарна антибиотска терапија, а пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар, и дека не е познато кој на сега веќе починатата ѝ давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај.

Од тие причини, ДСЗИ случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи.