Фото: Игор Бансколиев

ТУРКАНИЦИТЕ ПРЕД БАНКИТЕ ПОТТИКНАА ДЕБАТА ЗА БАРАЊЕ ДРУГИ АЛТЕРНАТИВИ

Загрижувачките слики пред филијалите на банките деновиве, кога голем број граѓани стоеја во редици еден до друг, и покрај препораката за задолжителна физичка дистанца заради превенција од ширење на коронавирусот, повторно го наметнаа прашањето за враќање на системот на достава на пензиите на граѓаните до нивните домови.
Токму големите метежи што се создадоа пред банките по најавите за уште порестриктивен полициски час ја зголемуваат заканата за уште помасовно ширење на коронавирусот во земјава, од кој досега се заразени речиси 600 луѓе, а починаа 26 лица.

Прв апел за исплата на пензиите на домашна адреса упати градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој рече дека рестриктивните мерки немаат ефект доколку луѓето повторно масовно се собираат пред банките.
– Треба да се врати системот на исплата на пензиите преку пошта. Граѓаните да ја добиваат пензијата на домашна адреса, а не да одат во банките и да се изложуваат на опасност од зараза со вирусот – порача неодамна Димитриевски,
Некои од банките, согледувајќи ја новонастанатата состојба со метежите пред филијалите, на своите корисници им понудија опција да им ја доставуваат пензијата на домашна адреса.

– Гледајќи ги постарите граѓани, кои и онака имаат малку време да завршат дел од обврските, решивме да им помогнеме со тоа што им нудиме да им ја доставуваме пензијата на домашна адреса. Кај имаат само два-три часа дозволени во денот за движење, уште и тоа време да го поминуваат во редици пред банките не е во ред, затоа им нудиме можност пензијата да ја добиваат дома ако се корисници на нашите услуги – вели Горан Јосифовски од Еуростандард банка.
Тој додава дека кај нив исплатата на пензиите е седум дена порано, со што граѓаните навреме ќе ги добијат парите, без да се прават дополнителни метежи и луѓето да се изложуваат на можна зараза со вирусот. Пензионерите имаат свое видување на состојбите.

– Одам во банка бидејќи не се снаоѓам со картичката. Имам картичка, но посигурно ми е на шалтер да си ја извадам пензијата. Вака банкоматот може да ми ја заглави картичката и да останам ем без картичка, ем без пари. Порано во некои поубави времиња поштарите ја носеа пензијата до дома, ама сега се несигурни времиња. Минатите години немаше месец да помине, а некој поштар да не биде ограбен – вели Драги Сотировски, пензионер.
Според него, добро би било да има некаков сигурен систем за достава на пензиите до дома и така би им се олеснило и нивното функционирање во време на вонредна состојба.
Некои банки не нудат услуга на достава на пензиите до домовите на клиентите, но во насока на намалување на метежите и држење соодветно растојание извршија предвремена исплата на пензиите, ангажираа редарски служби, го намалија бројот на клиенти што во ист момент можат да се најдат во просторијата на банката, а се врши и дезинфекција при влез и излез од објектите.

– Апелираме до пензионерите да го користат електронското банкарство, односно пензиите да ги повлекуваат преку банкоматите, да не користат готовина туку да плаќаат со дебитните картички – наведуваат некои банки во земјата како совет до нивните повозрасни клиенти во насока на заштита од вирусот.