Три милиони денари, наместо за рекламен материјал, АД ЕСМ ќе ги донира за изградба на модуларните болници во Битола и Кичево. Ваква одлука донесе раководството на АД ЕСМ.

Со оглед на моменталната ситуација со ковид-пандемијата, тешкотиите и предизвиците на кои е изложен здравствениот систем, АД ЕСМ одлучи во овој период да помогне на дел од македонските болници.

Управниот одбор на АД ЕСМ одлучи оваа година да не се подготвува и набавува новогодишен рекламен материјал, туку тие средства да се пренасочат во помош за Клиничката болница во Битола и Општата болницата во Кичево.

– Конкретно, во АД ЕСМ имавме предвидено 3 милиони денари за рекламен материјал на ниво на целата компанија, и тие средства сега ќе бидат донирани за обезбедување
централен довод на кислород во модуларните болници за ковид-пациенти кои се градат во Битола и во Кичево. Во битолската болница комплексот ќе биде поголем, и
таму се насочуваат 2.400.000 денари, а во кичевската болница потребата е 600 илјади денари. Како АД ЕСМ проценивме дека во моментов здравството е тоа каде е најнеопходно да се помогне, и ја користам приликата да апелирам сите општествено одговорни компании да го направат истото согласно можностите, затоа што сите ние во одреден момент имаме потреба од медицинска нега. А особено сега, кога секој еден граѓанин е загрозен – изјави директорот на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски на потпишувањето на договорите за донација.

Директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Билјана Гагачовска, нагласи дека помошта е добредојдена и претставува значаен поттик за сите државни и приватни
компании за помош на здравството во овој период кој е тежок за сите.

Директорот на Општата болница во Кичево, д-р Станко Трпески, изјави дека помошта доаѓа во вистински момент, со оглед на тоа што модуларната болница во Кичево веќе се поставува и дека ова е првпат да имаат централен довод на кислород во рамките на болницата. М.М.