Битолска млекара обезбеди нова финансиска помош за ургентните потреби на Министерството за здравство.

Донацијата е за сервис и репарација на апаратите за респираторна нега, коишто се потребни за Инфективната клиника во Скопје.

– Моменталната ситуација и кризата ковид-19 го сврти нашиот фокус кон напорите на здравствените работници и донацијата ја упативме до Министерството за здравство во делот каде е најпотребна, за обезбедување соодветна и функционална апаратура. Сите сме свесни дека во овој момент многу е тешко да се набават овие апарати за респираторна нега, па од голема важност е нивното одржување и добро функционирање со цел да им помогнеме на оние на кои им е најтешко – изјави генералниот директор на „Бимилк“, Ѓорѓи Петрушев.

Следејќи ја состојбата во државата во вонредни услови, Битолска млекара со цел да го помогне функционирањето на државните институции, деновиве предвремено ја уплати вкупната аконтација на данок на добивка за тековната година во вредност од 15 милиони денари. Минатата недела реализирана е донација од финансиски средства и набавка на два пациент монитори во Клиничката болница Битола, како и производи за најранливите групи граѓани, доставена преку Црвениот Крст Битола. За граѓаните од кризниот регион во Дебар и Центар Жупа во најкритичните моменти, компанијата достави донација од три илјади литри јогурт.

М.М.